logo
logo
logo

ЦУК: Активни се пет пожари, шест се под контрола, а два се изгаснати

Vecer | 05.09.2026

ЦУК: Активни се пет пожари, шест се под контрола, а два се изгаснати

Пет пожари на отворен простор се активни во земјава, додека шест се ставени под контрола, а два се целосно изгаснати, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК) во пресекот на состојбата до 13 часот.

Најкритично е на територијата на општина Ѓорче Петров, каде што пожарот ги зафатил атарите на селата Грачани и Никиштани. Огнената линија продолжува и кон територијата на Косово, каде што е зафатена шума.

Активен пожар има и во Македонски Брод, во местото викано Кајорец кон селото Брезница, во близина на репетиторот. Таму гори нискостеблеста и мешана шума.

Во Струга исто така има два одделни пожари. Активен е пожарот кај селото Подгорци, каде што гори ниска вегетација и мешана шума, додека пожарот на потегот Буринец – Локов – Селци е ставен под контрола.

Огнот е активен и во кумановската населба Бедиње, покрај железничката пруга, каде што е зафатена ниска вегетација.

Пожар има и над Маврово, на местото Чавкарник, каде што гори ниска вегетација и мешана шума.

Покрај пожарот кај Буринец, Локов и Селци во Струга, под контрола е и пожарот кај селото Брезница во Македонски Брод, каде што се зафатени ниска вегетација и помошен објект.

Под контрола се и пожарите кај Копаница во општина Сарај, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и кај селото Брест, на местото Рамно во општина Чучер-Сандево, каде што е зафатена мешана шума.

Во Кратово под контрола е пожарот на градската депонија, а ист статус има и пожарот на градската депонија во Делчево.

Во текот на денот се изгаснати два пожари.

Едниот бил кај селото Црвени Брегови во општина Неготино, каде што горела ниска вегетација, а другиот на улицата Перо Наков во Гази Баба, каде што биле зафатени ниска вегетација и ѓубриште.

ЦУК продолжува да ја следи состојбата на теренот и да ги координира надлежните служби во зависност од развојот на пожарите. Состојбата може да се менува во текот на денот, особено кај активните пожари во шумски и тешко пристапни подрачја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk