Не сакаме да бидеме само набљудувач – сакаме да бидеме активен партнер и енергетски коридор што го поврзува југот со Централна и Источна Европа, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на Шестиот Метрополитен самит во Солун, каде што се обрати пред високи претставници од политичкиот и бизнис секторот од регионот и Европа.
Говорејќи со специјалниот пратеник за глобална енергетска интеграција на САД, Џошуа Волц, како и со министрите за енергетика на Грција, Бугарија и Украина, Божиновска подвлече дека официјалното приклучување кон Вертикалниот гасен коридор е прашање на национална безбедност и дека по три децении се прекинува целосната зависност од само една гасна рута.

Главната носечка оска на овој зафат е изградбата на гасниот интерконектор со Грција со вкупна должина од 123 километри, од кои 68 километри се на македонска територија. Неговото целосно ставање во функција се очекува во текот на 2027 година, со што земјата добива директен пристап до ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис.
Паралелно со јужната врска, Македонија гради и интерконектор кон Србија, со што создава западнобалкански крак и се трансформира од крајна точка во активен транзитен коридор за целиот регион. Сите нови гасоводни траси се проектирани со флексибилност за иден транспорт на водород, во согласност со европските еколошки стандарди за декарбонизација.
Покрај гасот, стратегијата опфаќа и масовни инвестиции во обновливи извори на енергија и зајакнување на електроенергетската мрежа. Со комплетирање на линијата Битола–Елбасан се заокружува Коридорот 8, а истовремено се надградуваат и постојните врски со Грција и Бугарија. Божиновска заклучи дека ниту една земја во регионот не може сама да ја осигура својата енергетска безбедност и дека Македонија е подготведена да биде стабилен столб на новата европска енергетска архитектура.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата