За време на викендот, во сабота и недела (19 и 20 септември), над Македонија се очекува дестабилизација на атмосферата, но и покрај промената на временската состојба, температурите ќе останат над просекот за овој период од годината, објави метеорологот Славчо Попоски.
Според неговата прогноза, времето ќе биде променливо облачно и топло, со периоди на сонце и слаб до умерен ветер од променлив правец. Во текот на саботата, нестабилностите ќе бидат локални, додека во недела попладневните часови се очекува развој на нестабилна облачност на повеќе места низ земјата.
Таквата облачност ќе биде проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одделни места атмосферските процеси може да бидат поинтензивни и да прераснат во невреме, со можност за обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град.
Нестабилно време во попладневните часови се очекува и во делови од Скопскиот регион и котлината, каде исто така ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во Велес и Велешко, исто така, во попладневните часови во текот на викендот ќе треба да се смета на можност за развој на нестабилна облачност, особено во недела, кога локално може да има пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Што се однесува до температурите, утринските ќе се движат од 9 до 17 степени. Во Скопје и околината утринската температура ќе се спушта до околу 16 степени. Дневните максимални температури ќе достигнуваат од 26 до 32 степени, а во Скопје и околината се очекува максимална температура од околу 32 степени.
И покрај најавената нестабилност, температурите и понатаму ќе останат релативно високи за втората половина на септември.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата