logo
logo
logo

ПРАТЕНИЦИТЕ ГЛАСАА ЗА: Собранието го донесе Законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции

Vecer | 07.10.2026

ПРАТЕНИЦИТЕ ГЛАСАА ЗА: Собранието го донесе Законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции

Собранието во рамки на 125. седница со 82 гласа „за“ го донесе Законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, изгласани се и одлуките за распишување јавен оглас за избор на членови на Советот за граѓански надзор и за објавување јавен оглас за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. 

За дополнетиот предлог на закон за државната ревизија на седницата беа прифатени четири амандмани, а тој ќе биде доуреден и за него во целост ќе се гласа на друга седница. 

Пратениците ги изгласаа и измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, во прво читање, а пратениците дебатираат за измените и дополнувањата на Законот за животната средина, исто така во прво читање.

Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека предложените измени на Законот за јавните набавки имаат за цел понатамошно унапредување на системот на јавни набавки преку поедноставување на постапките, зголемена дигитализација, зајакнување на транспарентноста и контролата, професионализација на лицата кои работат во областа на јавните набавки и подобрување на правната заштита.

Дел од предложените решенија се директно поврзани и со активностите предвидени во Реформската агенда за 2026 и 2027 година. Една од позначајните измени се однесува на усогласување на вредносните прагови за примена на Законот.

- Ова од причина што важечките прагови се утврдени во 2019 година, а во меѓувреме се случија значајни промени во нивото на цените, се предлага нивно зголемување. Во класичниот сектор, прагот за стоки и услуги се зголемува од 1.000 на 2.000 евра, а за работи од 5.000 на 10.000 евра. Кај секторските дејности, прагот за стоки и услуги се зголемува од 2.000 на 4.000 евра, а за работи од 10.000 на 20.000 евра. Воедно, се утврдува годишен лимит за набавките под овие прагови од 25.000 евра кај класичниот јавен сектор и 50.000 евра кај секторските договорни органи - рече тој. 

Целта е, како што кажа, да се намали административниот товар кај набавките со мала вредност, без притоа да се нарушат начелата на транспарентност и одговорно користење на јавните средства.

- Понатаму, се проширува примената на Електронскиот пазар за набавки од мала вредност, при што прагот за овие набавки се зголемува до 20.000 евра. Договорните органи ќе можат поедноставно да набавуваат стандардизирани стоки и услуги од електронските каталози, без дополнителна тендерска документација во случаите утврдени со Законот. Во исто време, се воведуваат дополнителни механизми за дисциплина и одговорност на економските оператори - рече заменик министерот Јанкуловски. 

Значајна новина, како што кажа, е и обврската секој договорен орган да донесе интерен акт за јавните набавки, со кој јасно ќе бидат дефинирани улогите, задачите и одговорностите на организациските единици вклучени во процесот.

Со предложените измени дополнително се зајакнуваат и надлежностите на Бирото за јавни набавки. - Бирото ќе може да развива веб-сервиси, дигитални алатки, аналитички модели и информатички решенија, вклучително и решенија засновани на вештачка интелигенција, за автоматизирано следење, откривање на потенцијални ризици и превенција на неправилности.

Посебно внимание се посветува и на професионализацијата на службениците за јавни набавки. Наместо досегашниот модел на повторно полагање испит при ресертификација, се воведува концепт на континуирано професионално усовршување.

Како дел од Реформската агенда за 2027 година се предвидува и поширока употреба на критериумот „најдобар однос меѓу цената и квалитетот“ кај набавките над 130.000 евра.

Се предлагаат и измени во жалбената постапка, преку корекција на надоместоците за жалба и дополнително прецизирање на правилата за трошоците на постапката.

Целта е да се задржи ефективната правна заштита, но истовремено да се намали можноста за неосновани жалби со кои неоправдано се одолжуваат постапките.

На дневен ред на седницата се и изменување на Законот за надворешни работи, дополнување на Законот за данокот на личен доход, изменување и дополнување на Закон за заштита на децата, дополнување на Законот за државните награди, изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, Предлог на Закон за заштита на критична цивилна инфраструктура, сите во прво читање, Предлог Национална програма за високото образование со предлог мерки  и Предлог Национална програма за научно - истражувачка дејност со предлог мерки. 

Претходно, на натамошно читање беа дадени неколку закони по скратена постапка. Измените и дополнувањата на Законот за високи раководители, како што обајсни пратеничката Весна Бендевска, се однесуваат на вметнување на високи раководителите од Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони, и тој да се усогласи со забелешките на ЕК во делот на Комисијата за селекција на високи раководители при Владата.  

На натамошно читање се дадени и измените и дополнувањата на Законот за административни службеници, измените на Законот за административни службеници, измените и дополнувањата на Законот за вработените во јавниот сектор, дополнувањата на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија,  и измени на Законот на шумите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk