Според истражувањето на Галуп, во регионот најосамени се чувствуваат Црногорците, а Словенија може да се пофали со низок процент на осамени, додека Македонија е некаде на средината на оваа листа.
Во Црна Гора 30 отсто од испитаниците рекле дека се чувствуваат многу и прилично осамени, во Албанија таков одговор дале 26 %, во Бугарија, во Србија и во Косово резулатот е 24 %, во Македонија 20 %, во Хрватска 18 %, во Босна и Херцеговина (БиХ) 14%, во Грција многу и прилично осамени рекле дека се 11 % од анкетираните, а во Словенија само 6 %. Податоците се објавени за 2023 година.
За споредба, Франција е со ист резултат како Македонија, и таму 20% од населението смета дека се осамени.
Сузана Лазарова-Ефтимова, гешталт терапевт од Центар за советување, психотерапија, едукација, личен раст и развој за деца и возрасни КОНТАКТ3-ЗАОКРУЖУВАЊЕ Штип, вели дека социјалните контакти се основни човекови потреби. Додава дека преку односите со другите ја градиме и потврдуваме сопствената слика за себе, учиме да ги препознаваме и изразуваме емоциите, развиваме доверба, емпатија, чувство на припаѓање и способност за справување со животните предизвици.

„Од гешталт перспектива, човекот не може да се разбере изолирано од својата околина, туку секогаш во односот со другите и со светот во кој живее. Кога зборуваме за осаменоста, сметам дека е важно да направиме разлика меѓу самотијата и осаменоста.
Самотијата може да биде свесен избор, потреба за повлекување, одмор и воспоставување контакт со себе. Осаменоста, од друга страна, е субјективно доживување на недостиг од поврзаност.
Човек може да биде сам и да не се чувствува осамено, но може да биде опкружен со многу луѓе, да има семејство, колеги и пријатели, а сепак да доживува длабока осаменост. Она што особено би го нагласила е дека осаменоста не е само непријатно чувство, туку може да има сериозни последици врз менталното и физичкото здравје“, вели таа.
Наведува дека долготрајното чувство на осаменост се поврзува со зголемен ризик од депресивност, анксиозност, нарушувања на спиењето, хроничен стрес, намалена самодоверба.

„Затоа, осаменоста не треба да ја потценуваме, особено кога станува долготрајна. Сметам дека грижата за сопствената благосостојба треба да ја вклучува и грижата за нашите односи.
Важно е да одржуваме контакт со блиските, да иницираме средби, да бидеме присутни едни за други, да негуваме пријателства и да се вклучуваме во заедницата. Исто така, не треба да се плашиме да побараме помош кога ќе почувствуваме дека се повлекуваме и изолираме.
Би сакала да истакнам дека не е пресудно колку луѓе имаме околу себе, туку колку од тие односи се искрени, блиски и исполнети со меѓусебно разбирање. Поврзаноста е основна човечка потреба, а чувството дека некому му припаѓаме и дека некој е тука за нас има огромно значење за квалитетот на животот“, рече Лазарова-Ефтимова.
Лесото котира најлошо на листата на Галуп со дури 58 отсто од испитаниците кои рекле дека се чувствуваат многу и прилично осамени, а во ваква состојба рекле дека се само 5 отсто се чувтствуваат осамени од анкетираните во Виетнам.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата