logo
logo
logo

ЈП „Водовод и канализација“:

ВОДАТА Е БЕЗБЕДНА И ИСПРАВНА ЗА ПИЕЊЕ, комплетно е неточно и најостро демантираме дека во водата во Скопје има ешерихија коли

Vecer | 12.08.2026

ВОДАТА Е БЕЗБЕДНА И ИСПРАВНА ЗА ПИЕЊЕ, комплетно е неточно и најостро демантираме дека во водата во Скопје има ешерихија коли

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје попладнево најостро ги демантираше информациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во водата за пиење во Скопје. Направени се дополнителни анализи и водата во Скопје е безбедна и исправна за пиење и употреба.

Јавното претпријатие најави дека ќе поднесе соодветни пријави до Министерството за внатрешни работи за субјектите и центрите кои шират лажни информации и создаваат општа паника меѓу населението.

- Во врска со шпекулациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во водата за пиење од водоснабдителниот систем во градот Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ја информира јавноста дека истата е комплетно неточна и најостро ја демантираме истата, се посочува во соопштението што Јавното претпријатие го објави на Фејсбук.

Оттаму наласуваат дека покрај редовните секојдневни испитувања на квалитетот и безбедноста на водата за пиење, дополнително се извршени и испитувања на земени примероци од водата.

- Резултатите од дополнителните анализи не потврдуваат присуство на испитуваните микроорганизми. Испитуваните примероци ги задоволуваат пропишаните критериуми согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на РМ“, бр. 183/18). Во испитуваниот примерок кој е вонредно земен и анализиран со брза PCR техника во тек на вчерашниот ден, 11.08.2026 година, не е детектирано присуство на геномски копии од колиформи бактерии, ниту од Escherichia coli, ниту од Pseudomonas aeruginosa – се наведува во информацијата.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како што се потенцира, континуирано го следи квалитетот и безбедноста на водата за пиење преку редовен, секојдневен мониторинг и лабораториски испитувања во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025.

- Дополнителните испитувања се спроведени со цел уште еднаш да се потврди безбедноста и исправноста на водата за пиење и да се отстранат сите сомнежи предизвикани од неточните информации што се шират во јавноста – посочуваат од скопски водовод.

ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации и шпекулации кои можат да предизвикаат непотребна загриженост. Водата од водоснабдителниот систем во градот Скопје, како што велат, е безбедна и исправна за пиење и употреба.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk