logo
logo
logo

Се појави и во Куманово: 6 НОВИ СЛУЧАИ НА ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА ВО ЕДЕН ДЕН

Vecer | 26.08.2026

Се појави и во Куманово: 6 НОВИ СЛУЧАИ НА ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА ВО ЕДЕН ДЕН

Шест нови случаи на западнонилска треска се регистрирани во земјава за еден ден, со што вкупниот број на потврдени случаи достигна 50, јави ТВ Сител.

Петмина од новозаболените се од Скопскиот Регион. Тројца се жители на Гази Баба на возраст над 70 години, еден пациент е од Зелениково и има 26 години, а еден е од Аеродром, на возраст од 59 години.

Прв случај е потврден и во Куманово. Според информациите од тамошниот Центар за јавно здравје, станува збор за 65-годишен маж од приградска населба, кој во периодот пред да се разболи не патувал надвор од државата. Тој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

– Здравствената состојба на пациентот е тешка. Покрај инфекцијата со вирусот западен нил, кај него се присутни и хронични заболувања, вклучително и дијабетес, кои можат да влијаат врз текот и тежината на болеста – изјави Херољинд Сакипи, директор на Центарот за јавно здравје Куманово.

Од Центарот велат дека била направена епидемиолошка анкета со членовите на потесното семејство на заболениот, по што ќе бидат преземени потребните мерки.

– Врз основа на резултатите од епидемиолошката анкета ќе бидат преземени соодветни мерки, меѓу кои и дезинсекција на објектот, односно просторот во кој престојувало инфицираното лице, како и на други локации каде што постои можност да било каснато од заразен комарец – вели директорот Сакипи.

Речиси половина од заболените се хоспитализирани на Инфективната клиника поради тешка невроинвазивна форма на болеста, која може да предизвика воспаление на мозокот и на мозочните обвивки. Досега летово пет лица не успеаја да се изборат со болеста.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk