Западнонилската треска се шири низ главниот град и веќе го зафаќа јадрото на Скопје, објави на денешната прес конференција министерот за здравство Сашо Клековски.
Откако регистрираните случаи достигнаа драматична бројка од вкупно 43 заразени, здравствените власти потврдија дека вирусот премина во нови општини, при што се регистрирани првите официјални случаи во Центар и Чаир.
Со ова, заразата што ја пренесуваат комарците се прошири од периферијата директно во најнаселените градски средини, што предизвика дополнителна загриженост кај епидемиолозите.
Освен кај луѓето, вирусот веќе коси и кај птиците:
За првпат на терен е пронајдена угината птица — гавран, кој по направените лабораториски анализи бил позитивен на вирусот на западнонилска треска.
Птиците се главниот резервоар на оваа опасна зараза, од каде комарците го цицаат вирусот и потоа го пренесуваат врз луѓето.
Со оглед на тоа што вирусот агресивно се префрла од општина во општина, надлежните апелираат на максимална претпазливост, задолжително користење средства за заштита од инсекти и избегнување престој на отворено во вечерните часови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата