Завршија средбите на премиерот Христијан Мицкоски со коалициските партнери во Владата, кои се одржаа во пресрет на најавената владина реконструкција. Како што брифираат од Илинденска број два, сите разговори поминале во исклучително конструктивна атмосфера, во духот на меѓусебна почит, силно партнерство и заедничка определба за понатамошно унапредување на ефикасноста на извршната власт.
За време на средбите биле целосно потврдени принципите кои претседателот на Владата претходно ги истакна на одбележувањето на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, а кои се темелат на одговорност, видливи резултати, постојана достапност до граѓаните и бескомпромисна посветеност на националните интереси.
Сите коалициски партнери постигнале целосен консензус Владата да продолжи со засилено темпо во реализацијата на зацртаните програмски приоритети и клучните реформи кои ги очекува јавноста.
Во наредните неколку денови ќе следуваат финалните консултации и разговори на кои детално ќе бидат разгледани и потврдени конечните кадровски решенија и позиции, по што јавноста ќе биде навремено и целосно транспарантно информирана за сите донесени одлуки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата