Пренамената, реорганизацијата на просторот, промените на електричната, водоводната и канализационата инсталација и вградувањето несоодветни материјали непосредно влијаеле врз исполнување на основните барања за безбедност на дискотеката „Пулс”, истакна вештакот и професор Горан Марковски на денешното рочиште за трагичниот пожар во Кочани, одговарајќи на прашања на обвинетите.
Професорот посочи дека согласно Законот за градење, надлежните органи морале да реагираат на незаконските зафати, но таква реакција изостанала сè до 16 и 18 март 2025 година, кога за првпат биле изготвени записници од инспекциски надзор, за веќе опожарениот објект.
Според Марковски, во двата записника, составени од овластените градежни инспектори Николчо Боцев и Љупчо Стаменков, стои идентична констатација, а тоа е дека за објектот е издадено одобрение за градење со намена деловен објект за лесна индустрија. Професорот рече дека при првичната контрола во секторот за урбанизам при Општина Кочани нема податоци дека за објектот е издадено решение за пренамена и адаптација.
На прашање на обвинетите, Марковски рече дека градежниот инспектор имал право и обврска да побара објектот да се врати во првобитна состојба, бидејќи немало проектна документација, немало одобрение од Општината и дека објектот бил користен како дискотека, што носи висок ризик за безбедноста на посетителите.
– Според Законот за градење, инспекторот можел и морал да делува, објектот да биде затворен сè додека не се расчистат неправилностите – истакна Марковски.
Професорот заклучи дека објектот требало да се врати во својата легална првобитна состојба објект за лесна индустрија, а не да продолжи да функционира како дискотека без документација, без одобрение и со сериозни ризици за безбедноста.
На паузата од рочиштето родителите на две деца кои загинаа во трагедијата упатија силни и емотивни пораки, барајќи одговорност и целосно расветлување на институционалните пропусти.
Според мајката Мита Тасева прашањата кои обвинетите ги поставуваат на вештаците се гледа дека тие детално ги познавале неправилностите и ризиците во објектот.
– Не може денес да ги набројувате сите пропусти, опасности и неправилности, а да тврдите дека со години не сте имале причина да реагирате – нагласи таа, додавајќи дека судот мора да утврди кој знаел, што знаел, од кога знаел и зошто молчел.
Доколку се докаже дека опасностите биле познати, а надлежните свесно не презеле мерки, според неа, тогаш веќе не станува збор само за институционален пропуст, туку за свесно непостапување со можни кривични импликации.
– Одговорот на тоа прашање не може да се избегне со бескрајно испрашување на вештаците, затоа што 63 човечки животи се цената на тоа непостапување- додаде таа.
Во изјавата, Тасева со трепетен глас го спомена и роденденот на своето починато дете.
– Во оваа прилика сакам да и го честитам роденденот на мојата ќерка. Сакам да му го честитам роденденот на мојот починат син.
Таткото Драги Стојанов, пак, рече дека ако инспекторот постапел како што треба, детето ќе беше живо.
Стојанов во својата изјава говореше со силна болка и огорченост, обвинувајќи дека неделувањето на надлежните инспектори директно придонело за трагедијата.
– Николчо што се брани дека не е крив – тој ми го уби детето. Ако извршеше контрола, утре немаше да одам на гроб и да славам роденден на моето прекрасно дете – рече Стојанов и додаде дека неговото семејство живее во трајна загуба.
Таткото упати остри критики кон институциите, обвинувајќи дека корупцијата и неказнивоста довеле до трагедијата
– Сите што биле во институциите, сѐ е корумпирано! За пусти пари ни ги утепаа децата – рече Стојанов.
Случајот го води судијката Дијана Груевска- Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработиле, како што е најавено, треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството, по што одбраната треба да почне со изведување на докази.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата