Обвинителството за организиран криминал дало согласност

„ТЕНДЕРАШОТ“ ОД РЕК БИТОЛА Стојан Чифлигароски, ОСОМНИЧЕН ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ, ИЗЛЕГУВА ОД „ШУТКА“

Vecer | 19.11.2026

„ТЕНДЕРАШОТ“ ОД РЕК БИТОЛА Стојан Чифлигароски, ОСОМНИЧЕН ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ, ИЗЛЕГУВА ОД „ШУТКА“
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје го заменил затворскиот притвор со куќен притвор за битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, осомничен во случајот „Синџир“.

Оваа одлука била донесена откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) дало позитивно мислење на предлогот поднесен од одбраната на Чифлигароски.

Како што информираа попладнево од Кривичен, Советот постапил во границите на предлогот на одбраната и согласноста од Обвинителството, прифаќајќи го барањето како согласен предлог меѓу странките. Покрај куќниот притвор, на Чифлигароски му е определена и мерка на претпазливост – одземање на две важечки патни исправи.

„Оваа одлука се темели на наведеното во позитивното мислење на Обвинителството во кое е наведено дека истражната постапка е во завршна фаза“, се наведува во соопштението од Судот.

Како дополнителни причини за прекинот на затворскиот притвор, се посочени здравствената и семејната состојба на осомничениот, што било поткрепено и со соодветна медицинска документација.

Чифлигароски е сопственик на компанијата „СВ Инвест“, која во минатото добиваше големи тендери од РЕК Битола, а подоцна заврши во стечај. Во истрагата за предметот „Синџир“, тој се сомничи дека бил еден од организаторите на злосторничко здружување, чија цел биле даночно затајување и перење пари.

Директорите на неколку негови фирми беа осудени откако признаа вина, а Чифлигароски подолг период беше во бегство, според неофицијални информации, во САД. Неодамна сам се предаде на граничниот премин „Свети Наум“, по што му беше изречена мерка притвор и беше спроведен во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk