Околу 80 проценти од проектите што ги започнавме по доаѓањето на власт се при крај со реализација, се пофали на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, на која ги презентираше резултатите од првата година од мандатот.
Најголем проблем со кој се соочил по стапувањето на функцијата, според него биле финансиите во Општината.
– Со ефикасна администрација стигнавме да вратиме долгови од повеќе од 2,5 милиони евра по основ на извршување. Продолжуваме да враќаме уште долгови. Нормално, треба да се заблагодариме на граѓаните кои се откажаа од каматите во износ од околу 300.000 евра. Со доброто менаџирање на финансискиот дел добивме 600.000 евра ДДВ повеќе од минатата година. Тоа помогна да се подобри финансискиот дел – изјави Ќура.
Општината имала наталожени долгови од 2007 година по основ на експропријација и други дејности.
– Земајќи ги предвид и каматите кои достигнуваат и до 100 отсто по основ на извршување, односно долг од пет милиони евра – изјави Ќура.
Општинската сметка сè уште е блокирана, а за враќање остануваат уште пет милиони евра. Градоначалникот очекува долгот да биде исплатен до крајот на годината, со што Струга, како што рече, за првпат во својата историја би била без долгови.
Тој подвлече дека во завршна фаза се проектите со изградба на улиците Туристичка и Колекторска, канализацијата во селото Враништа, патот Мислешево – Требеништа…
Во однос на забелешките за решавањето на проблемот со паркинг просторот во Струга, тој информира дека е изработена физибилити студија за една катна гаража, а во тек е изработка и за втора, подвлекувајќи дека тоа е проект кој ќе се реализира во период од три до четири години.
Во соработка со централната власт во тек е изработка на закон за плажи и се работи на решение за изградба на современо пристаниште во Струга.
Ќура се пожали дека во општинската администрација има недостаток на соодветен кадар во секторите урбанизам и финансии, како и во инспекторатите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата