По обвинувањата на Горан Николоски во емисијата „Претрес со Ландов“ дека неговиот 19-годишен брат Дарко бил тепан од полицајци во Охрид, од МВР велат дека преземаат мерки и активности за проверка и расчистување на случајот. Воедно, тврдат дека во СВР Охрид нема таква пријава за физички напад, ниту, пак, дека во болница имало прием на лице со повреди од ваков настан.
„Воедно, на 1 ноември 2026 година, од страна на полициски службеници од СВР Охрид била спроведена акциска контрола во угостителски објекти во централното градско подрачје на Охрид, по претходно изготвен план за постапување. При контролата биле извршени прегледи и проверки на идентитет на повеќе лица, меѓу кои и на 19-годишното лице Д.Н. Притоа, при акцијата биле затекнати и малолетници кои консумирале алкохол, како и едно лице кај кое била пронајдена дрога“, соопштуваат од МВР.
Според МВР, истиот ден, во 03:08 часот, на паркинг-простор во Охрид бил приведен неговиот 28-годишен брат Г.Н., поради „нарушување на јавниот ред и мир со викање, а потоа и агресивно однесување кон полициските службеници кои вршеле службени дејствија“.
Исто така, МВР тврди дека тој оштетил и инвентар во полициската станица, па по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
„Во однос на претходните настани, на 5 октомври 2026 година во СВР Охрид Б.Д.(22) од едно охридско село пријавил дека на својот приватен профил на социјалната мрежа Инстаграм добил пораки со заканувачка и навредлива содржина, како и дека неговото патничко возило ‘шкода октавија’ било оштетено со црна течност. Во врска со овие два настани, на 6 октомври 2026 година против Д.Н.(19), СВР Охрид до ОЈО Охрид поднесе кривична пријава за две кривични дела – ‘Загрозување на сигурноста’ и ‘Оштетување туѓи предмети’“, велат од МВР.
Дополнително, на 31 октомври СВР Охрид повторно било пријавено оштетување на истото патничко возило, при што со тврд предмет биле направени длабоки линии по каросеријата.
„Се преземаат мерки за утврдување на сите околности и пронаоѓање на сторителот. За сите наведени настани, јавноста беше навремено и соодветно информирана преку официјалните канали за комуникација на Министерството за внатрешни работи“, велат од МВР.
Инаку, според збоговите на Горан Николоски во „Претрес со Ландов“, пет полицајци биле присутни на паркинг во центарот на Охрид, каде што, според него, неговиот 19-годишен брат Дарко бил физички нападнат.
Николоски во емисијата рече дека тројца полицајци учествувале во тепањето, додека други двајца го обезбедувале просторот за случајните минувачи да не видат што се случува.
Во емисијата беше прикажана снимка од надзорна камера на која се забележува движење на повеќе луѓе и полицајци во близина на паркингот.
Николоски тврди дека полицајците го одвлекле неговиот брат кон дел од паркингот каде што сметале дека нема видеонадзор.
„Среќа наша во несреќа што имаше камери и што ги имаме камерите“, рече Николоски.
Како што кажа гостинот во емисијата, настанот се случил во раните утрински часови на 1 ноември, откако неговиот брат бил изведен од ноќен клуб во центарот на Охрид.
По ова, полицаецот од СВР Охрид, Божидар Димитриевиќ, се огласи на Фејсбук и ги отфрли наводите за тепање и малтретирање. Полицаецот Димитриевиќ тврди дека Дарко се обидел да ја избегне полициската контрола, а Горан го нарушил јавниот ред и мир, по што бил приведен од негови колеги.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата