ОД СКОПЈЕ ПРЕСЕЧЕН ТЕРОРИСТИЧКИОТ ПЛАН ВО ГРЦИЈА – Јанев открива детали за ЕРТ

Vecer | 19.11.2026

ОД СКОПЈЕ ПРЕСЕЧЕН ТЕРОРИСТИЧКИОТ ПЛАН ВО ГРЦИЈА – Јанев открива детали за ЕРТ
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Македонската и грчката полиција имаат воспоставено блиска оперативна соработка, која во изминатите две години е подигната на високо ниво, изјави директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.

Јанев посочи дека во овој период се изградени силни партнерски односи со директорот на грчката полиција, Димитрос Малиос, што овозможило унапредување на размената на информации и заедничкото полициско дејствување.

Говорејќи за разоткриената иранска мрежа осомничена за подготовка на терористички напад во Грција, Јанев откри дека потенцијални цели биле лица и компании кои работат во поголемите грчки градови, вклучително и Атина.

„Засега успеавме сето тоа да го спречиме врз основа на информациите и дејствијата што ги презедовме на територијата на нашата земја, но и во тесна соработка со грчката полиција“, изјави Јанев за ЕРТ.

Случајот и натаму е во фокусот на грчката јавност, а државната телевизија испрати и новинарска екипа во Скопје за да разговара со македонските безбедносни претставници.

ЕРТ објави дека Јанев го оценил случајот како особено чувствителен, додавајќи дека сега се очекува судската разрешница за петтемина уапсени. Според телевизијата, директорот на БЈБ смета дека собраните докази се доволни за покренување сериозни обвиненија, за кои македонското законодавство предвидува високи затворски казни.

Грчките медиуми објавија и информации за наводни врски меѓу иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зиндапти и еден од уапсените, кои наводно се запознале во турски затвор. Според овие информации, нивното познанство било почеток на регрутирањето и на други лица.

Во меѓувреме, македонските власти, во соработка со грчката разузнавачка служба ЕИП, трагаат по уште едно лице поврзано со случајот, за кое се тврди дека избегало во странство.

Иранската амбасада во Атина, пак, ги отфрли обвинувањата за поврзаност на Иран со наводниот терористички план, оценувајќи ги тврдењата како неосновани.

Во грчките медиуми се појавија и различни информации за тоа кој бил потенцијалната цел на нападот. Меѓу сценаријата се споменуваат грчки бизнисмен со еврејско потекло, израелски државјанин поврзан со голема компанија во Грција или лице поврзано со израелски интереси.

Сепак, засега нема официјална потврда за идентитетот на лицето кое било потенцијална цел на нападот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk