САЛИ: Германија останува силен сојузник на Македонија на патот кон ЕУ – Владата посветена на реформите

Vecer | 19.11.2026

САЛИ: Германија останува силен сојузник на Македонија на патот кон ЕУ – Владата посветена на реформите
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, остварил средба со Кристоф Исранг, директор за Европа во Сојузното министерство за надворешни работи на Германија. Според информациите од Министерството за европски прашања, во фокусот на разговорите биле билатералните односи, процесот на пристапување во Европската Унија и спроведувањето на Реформската агенда.

На средбата Сали ја оценил Германија како стратешки партнер и доследен поддржувач на европската интеграција на државата. Тој го истакнал значењето на развојната соработка и поддршката од ГИЗ за домашните институции, вклучително и за спроведувањето на Реформската агенда и регионалната размена на искуства.

Соговорниците разговарале и за потребата од фер и предвидлив процес на проширување заснован на заслуги. Притоа, министерот ја нагласил подготвеноста за конструктивен дијалог за отворените прашања, како и важноста од финализирањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација.

Посебен акцент бил ставен на Планот за раст за Западен Балкан и придобивките од постепената интеграција. Сали ги посочил конкретните ефекти од учеството во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и можностите што произлегуваат од иницијативите за дигитална поврзаност и намалување на трошоците за роаминг.

Од Министерството додаваат дека на состанокот биле разгледани и перспективите на политиката на проширување, подготовката на ЕУ за прием на нови членки и улогата на предвидливата повеќегодишна финансиска рамка за поддршка на реформите и инвестициите. Министерот Сали ја потврдил посветеноста на Владата кон мерливи реформски резултати и натамошно продлабочување на партнерството со Германија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk