logo
logo
logo

Пелегрини и Давкова согласни: ИСТ ТРЕТМАН ЗА СИТЕ ПРИ ЕУ ИНТЕГРАЦИЈАТА

Vecer | 02.06.2026

Пелегрини и Давкова согласни: ИСТ ТРЕТМАН ЗА СИТЕ ПРИ ЕУ ИНТЕГРАЦИЈАТА

Словачка ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и тоа го прави како пријател, партнер и сојузник. Но во исто време јасно велиме дека проширувањето како процес мора да биде фер, предвидлив и заснован на истите правила што важат за сите кандидати, рече словачкиот претседател Петер Пелегрини на денешната прес-конференција по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, која е во официјална посета на Словачка.

Ова, според него, значи дека и земјите кандидати мора да ги исполнат договорените критериуми, но оти и Европската Унија мора да испрати јасен сигнал дека исполнувањето на условите ќе значи и конкретни чекори напред.

- Исто така, ова е важно и за довербата меѓу граѓаните во земјите кандидати. За време на моите посети на земјите од Западен Балкан реков дека не треба да има скратени патишта и дека не смее да има непотребни пречки, дека сите услови мора да се применуваат за сите, а европската заложба мора да ја има својата важност. Словачка ги почитува заедничките одлуки во рамките на Европската Унија, сите го почитуваме гласот на секоја земја членка. Сојузништвото во Европската Унија не може да се гради со заобиколување на чувствителните прашања, напротив, на добрососедски односи, на дијалог и на сите заложби што се дадени - рече Пелегрини.

Македонската претседателка вели дека со Пелегрини разговарале за нашиот пат кон ЕУ, кој, како што рече, понекогаш го нарекува маратон затоа што се работи за долг пат со многубројни ирационални пречки од идентитетски карактер, што е спротивно на суштината на природата на Европската Унија. ​

- Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Мислам дека токму почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштината на европската идеја. Особено го цениме ангажираниот став на Словачка, но и на неколку други земји, кои бараат помошно рационално решение за интегрирање на Западен Балкан во европските структури за да може земјите, значи кои со години се во кандидатски статус, да не бидат оставени настрана, да не бидат на периферијата, односно да може да бидат чуени. Тоа е нешто што е кредибилно и тоа е нешто што нè обврзува. ​Јас многупати сум кажала и ќе повторам: Европа е наш природен дом - географски, историски и културно. Она што ние го бараме е да бидеме третирани како сите други, да бидеме вреднувани според Копенхашките критериуми, да добиеме можност да се фокусираме на реформите и на владеењето на правото наместо да ја губиме енергијата на билатерални прашања што немаат врска со духот и словото на Копенхашките критериуми - рече Сиљановска-Давкова.

За неа, како што нагласи, интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко, тоа е безбедносно и стратешко прашање во време на геополитички превирања и тектонски промени на меѓународниот поредок.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk