ДЕНЕСКА ДУИ ЈА ГУБИ КОНТРОЛАТА, се избира нов шеф на ЈО за организиран криминал и корупција

Vecer | 28.10.2026

ДЕНЕСКА ДУИ ЈА ГУБИ КОНТРОЛАТА, се избира нов шеф на ЈО за организиран криминал и корупција

Денеска со изборот на шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција ДУИ формално ја губи контролата на оваа важна правосудна институција.

Во трка за функцијата се обвинителот во Вишото јавно обвинителство Скопје, Трајче Пеливанов; неговиот колега од истото Вишо обвинителство, Јован Цветановски; обвинителката на Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, и обвинителите во ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи

Со тајно и непосредно гласање, 187 јавни обвинители со право на глас денеска избираат нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Нивните колеги, со право на глас, од обвинителствата во државата можат да гласаат во периодот од 8 до 16 часот, по што на јавна седница ќе бидат сумирани резултатите од гласањето и треба да биде познато кој ќе биде новиот шеф на Обвинителството надлежно за борба против организираниот криминал и корупцијата.

Процесот го спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во состав – Ермон Незири, Кети Петкова и Светлана Стојковиќ.

Јавно искажаните приоритети на сите пријавени е зајакнувањето и максималното искористување на капацитетите на истражните центри, фокус на финансиските истраги, кадровско доекипирање и унапредување на соработката со другите институции во чиј опис на работата е санкционирањето кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата. Поголема незавиност на ОЈО ГОКК, исто така, е дел од програмските приоритети на кандидатите за нов шеф на ова Обвинителство.

Изборот се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој важи за близок на ДУИ, а кој на функцијата беше избран во октомври 2022 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk