Агенцијата за храна и ветеринарство спречи увоз на повеќе од 27,5 тони УХТ млеко од Косово, откако лабораториските анализи покажале присуство на афлатоксин над дозволената концентрација. Млекото е запрено на граница и нема да биде пуштено во промет на домашниот пазар поради утврдената неисправност.
Станува збор за две пратки со вкупна тежина од 27.520 килограми, кои биле задржани на граничниот премин Блаце. Млекото било наменето за продажба во синџир маркети во земјава, но по утврдувањето дека не ги исполнува безбедносните услови, не било пуштено на домашниот пазар.
Небезбедните количини, под надзор на официјален ветеринар, биле нештетно уништени на депонијата „Дрисла“.
Од АХВ информираат дека мострите биле земени како дел од Мониторинг-програмата за пратки со храна од животинско потекло што се увезуваат во земјава.
Агенцијата на 17 јули донела и решение со кое се воведуваат посебни безбедносни мерки при увоз на млеко и млечни производи, како и производи што содржат згуснато млеко или млеко во прав. Со мерките се засилени контролите и задолжителните лабораториски испитувања при увозот.
Од АХВ велат дека целта е на домашниот пазар да се пласираат исклучиво безбедни и квалитетни производи, но и да се обезбедат фер услови за домашните производители и заштита на потрошувачите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата