Традиционално и годинава моштите на Свети Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона утре, на 7. мај, ден по Ѓурѓовден носени во торжествена литија низ струшките улици ќе го осветат градот на поезијата.
Моштите на светителот од манастирот во Рајчица според Дебарско кичевската епархија свечено ќе бидат пречекани во 13 часот во храмот Свети Георгиј во Струга каде верниците ќе може да се поклонат.

По отслужената вечерна богослужба со која ќе чиноначалствува Митрополит Дебарско кичевски Георгиј заедно со митрополитот Тетовско гостиварски Јосиф и свештенството од Дебарско кичевската епархија литијата ќе тргне од дворот на црквата Свети Георгиј.

Со традиционалните торжества, како што информира отец Васко Голабовски, ќе помине низ струшките улици покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата, и повторно ќе се врати во црковниот двор.

По завршување на литијата во дворот на храмот ќе биде приредена културно уметничка програма.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата