logo
logo
logo

Фотогалерија

ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДРЖАВАТА: По повеќе од 20 години, започна изградбата на автопатот Скопје – Блаце

Vecer | 26.08.2026

ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДРЖАВАТА: По повеќе од 20 години, започна изградбата на автопатот Скопје – Блаце

Ова е историски момент за државата, по повеќе од 20 години започна изградбата на автопатот Скопје – Блеце, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски кој денеска присустуваше и се обрати на поставувањето камен-темелник за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

- Добредојдовте на еден проект којшто за сите нас е историски — проект којшто во вистинска смисла на зборот историски, изминативе повеќе од две децении ни беше претставуван дека само што не почнал да се реализира. Но, еве, денеска сите сме овде сведоци на почетокот на реализацијата на овој проект, нешто што оваа Влада го имаше како свој приоритет пред некои 25-26 месеци кога беше избрана во македонското Собрание, изјави Мицкоски.

Мицкоски ја искористи приликата и кажа три работи коишто досега не беа споменати.

- Не би сакал да се повторувам со претходните говорници околу должината на оваа автопатска делница, цената на чинење, од каде се финансиските ресурси, кои се институциите коишто го движат овој проект итн. Сите овие создадоа еден проект што за нас ќе биде од особено значење. Зборувам за нашите две земји, Република Косово и Македонија — за граѓаните помеѓу двете земји ќе значи подобра економија, подобро поврзување, подобар транспорт, подобра размена, нешто што претставува исклучително важен атрибут, посебно во 21 век и во корелација со нашите стратешки приоритети како Влада. За тие стратешки приоритети зборуваше и потпретседателот Николовски: бидејќи сме земја којашто не излегува на море, како држава да бидеме раскрсница на два многу значајни паневропски коридори, а тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10.

- Мојата прва порака којашто денеска сакам да ја испратам е дека по нешто повеќе од 20 години овој проект станува реалност. Реалност на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, ветување коешто беше дадено на почетокот на оваа Влада, беше дел од клучните приоритети на работата на оваа Влада и очекувам многу скоро од денеска да видиме значителен прогрес на работите на терен и во рекордно време, се разбира, овој проект да биде реализиран. Исто така, во рамките на оваа прва порака, би сакал да го изразам своето задоволство што македонска компанија ќе ги изведува градежните работи на овој проект. Тоа значит дека ќе имаме дополнителна додадена вредност во македонската економија, повеќе работни места за македонските граѓани — нешто коешто претставува еден од врвните приоритети на оваа Влада.

Втората работа и порака којашто исто така сакам денеска да ја испратам е дека денеска тука нема да застанеме. Многу скоро од денеска продолжуваме со уште една автопатска делница којашто е дел од Коридорот 8. Се надевам многу скоро од денеска ќе можеме да присуствуваме на еден ваков настан којшто ќе го поврзе местото Букојчани со автопатот којшто очекувам на почетокот од следната година да го пуштиме, а тоа е Кичево – Охрид, односно од Букојчани до Кичево. Со тоа во еден момент ќе се создадат услови на територијата на државата да се градат 6 автопатски делници, нешто што досега никогаш во минатото не се случило. Тоа се делницата од Блаце до Скопје, делницата Тетово – Гостивар, од Гостивар до Букојчани, од Букојчани до Кичево, од Кичево до Охрид и од Прилеп до Битола, нешто што навистина претставува историски момент за нас граѓаните, но и за државата генерално.

И третата порака којашто сакам денеска да ја испратам, а којашто мислам дека е многу значајна, е тоа дека кога градите улица, кога градите пат, кога градите автопат — вие градите иднина. Ние денеска отпочнуваме да градиме иднина, иднина за нашите млади. Бидејќи во политиката политичарите се минливи, ги ценат по она коешто ќе го остават зад себе и делата коишто ги оставаат зад себе. Ние како политичари во оваа наша македонска Влада мислам дека ќе оставиме капитални проекти, капитални дела коишто ќе ја одредат иднината на државата и ќе обезбедат иднина за младите. Наместо иднината и своите семејства да ги градат надвор од сопствената татковина, ова ќе биде мотив повеќе да останат тука дома, а оние коишто заминаа — да се погрижиме да ги вратиме тука дома и заедно од дома да се бориме за нашата заедничка татковина.

фото: МИА
фото: МИА


Им благодарам на сите оние коишто беа вклучени во реализацијата на овој проект. Му благодарам на секој оној којшто остави дел од својот живот и го посвети на реализацијата на овој проект и ќе го посветува во месеците и годините коишто следат. Од мене ја имате целосната поддршка и како Влада ние ќе продолжиме да бидеме фокусирани на економијата и економската обнова на државата. Бидејќи патриотизмот во 21 век претставува нешто многу повеќе од националромантични идеи претставува силна економија, добар стандард и граѓани коишто се задоволни од институциите и Владата, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. Тоа се врвните приоритети на оваа македонска Влада, изјави Мицкоски.

Новите инфраструктурни проекти и регионалното поврзување се клучот за долгорочен економски развој што ќе ја зацврсти Македонија како централна раскрсница на Балканот, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски.

Според него, започнувањето на овие инвестиции овозможува силно поврзување на земјата со Косово и Црна Гора, што стратешки значи и директно отворање кон две важни морски пристаништа во регионот.

„Убаво е кога се почнуваат нови проекти и кога се гледа нешто што за неколку години ќе донесе дополнителен развој. Ова е едно силно поврзување на нашата држава со Косово и со Црна Гора, што значи отворање кон најмалку две пристаништа, кон Драч и кон Бар. Со ова уште повеќе ја зацврстуваме Македонија како клучна раскрсница на Балканот“, изјави Николовски.

Стартуваа градежните активности за втората фаза од автопатот Скопје-Блаце во должина од 10,5 километри, која треба да биде готова за четири години и да се спои со веќе изградените 1,5 километри автопат во близина на ГП „Блаце“. На автопатот ќе има 5 тунели, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови. Ќе го гради домашната градежна компанија „Гранит“ АД Скопје.

Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) – главен носител на проектот, посочи дека денеска се поставува камен-темелник на најсложениот и најтешкиот автопат кој на мало растојание од само 10,5 километри ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови, галерии на комплексен ридско-планински терен кој ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите.

– Денес не поставуваме само камен-темелник на еден автопат, туку поставуваме темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа. Со отпочнувањето на изградбата на автопатот Скопје–Блаце, од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце, во должина од околу 10,5 километри, правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска. Со изборот на „Гранит“ за изведувач се создадоа конкретни услови за поставување на овој камен-темелник. Оваа инвестиција е особено значајна затоа што не поврзува со пристаништето во Драч, со Албанија, Црна Гора и Србија преку Косово – рече Трајановски.

Финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант средства за проектантите Hill International и ADT Omega.

Трајановски информира дека автопатот ќе има две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од околу 27,5 метри.

– Ова е најсложениот и најтешкиот автопат кој на мало растојание од само 10,5 км ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови, галерии и кој ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите. Поради сложениот ридско-планински терен, проектот предвидува изградба на: 5 тунели со лева и десна цевка, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии, 9 потпорни ѕидови. Рокот за изградба е 4 години, рече Трајановски.

Тој посочи дека автопатот Скопје–Блаце ќе го скрати времето на патување, ќе ја зголеми безбедноста и ќе ги намали трошоците за одржување на возилата, додека постојниот пат ќе остане како алтернативна врска за локалното население и другите граѓани.

На поставувањето на камен темелникот присутни се премиерите на Македонија и Косово, Христијан Мицкоски и Албин Курти, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, претставници на меѓународните финансиски партнери во проектот, владини функционери, пратеници, амбасадори.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk