За да им се олесни изборот на деветтоодделенците при уписите во средно образование, Министерството за образование и наука и Центарот за развој на стручното образование со поддршка од Швајцарската Амбасада подготвија онлајн водич за квалификации - kvalifikacii.crso.gov.mk, кој ќе им овозможи да донесат информирана и правилна одлука за струката во која ќе продолжат да се едуцираат и понатаму да работат.
На денешната промоција на водичот, од страна на министерката за образование и наука Весна Јаневска, директорот на Центарот за развој на стручното образование, Бесник Зендели, и заменикот на амбасадорката на Швајцарија, Михал Харари, беше посочено дека првпат сите информации за стручното образование се централизирани на едно место и систематизирани на начин што овозможува лесно пребарување по сектори, квалификации, региони, училишта и нивоа.
-Водичот има информативна и советодавна улога и ќе им помага на учениците и нивните родители подобро да ги согледаат образовните насоки, перспективите за понатамошно образование, како и можностите за вработување и кариерен развој. Верувам дека младите ќе го користат и ќе си го олеснат изборот на средно училиште кога ќе дојде моментот за тоа - рече Јаневска.
Јавна политика е неколку години наназад, рече министерката, да ги насочуваме младите кон избор на средно стручно образование, затоа што тоа е образованието што го бара пазарот на труд во Македонија и тоа е иднината на многу сегашни основци.
- Нема да биде нескромно ако кажам дека имаме исклучително квалитетен систем на средно стручно образование и особено ефикасен модел на дуално образование каде што фокусот е ставен на учење преку работа, односно практична настава се реализира на реално работно место во компанија наместо во училница. Ме радува што овој тип на образование не е само алтернатива за учениците, туку веќе неколку учебни години е прв избор, па така во оваа тековна учебна година од 17 илјади ученици запишани во прва година, околу 12 илјади се запишани во стручни училишта - информираше Јаневска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата