logo
logo
logo

Русјаков

Мртви души или што ако вештачката интелигенција падне во депресија?

Vecer | 17.10.2026

Мртви души или што ако вештачката интелигенција падне во депресија?

Русите ја впрегнаа својата вештачка интелегенција „Гита-чет“ за да напише продолжение на „Мртви души“ од Гогољ, кое авторот всушност го напишал, ама пред крајот на животот – сè запалил. И „Гита-чет“ напиша – се нарекува „Мртви души – Втор том: Воскресение“. Веќе може да се купи на интернет.

Не го пишувам ова за да внесам паника во книжевните кругови, каква што веќе има меѓу филмаџиите, сликарите и музичарите – јас сум од оние што не гледаат во вештачката интелигенција опасност за својата уметност, бидејќи, едноставно е – и да дојдат од вселената посебна сорта вонземјани што се генијални уметници, дури и да ни покажат уметнички ремек-дела какви човештвото не видело и не слушнало – уметничкиот порив ќе продолжи да вреска во мојата душа и, сакал јас или не сакал, ќе бара да излезе надвор од мене.

Сакам да кажам, уметникот не треба да се плаши од вештачката интелигенција, бидејќи таа нема да го спречува тој да продолжи да твори. На крајот на краиштата – и при создавањето на вториот том од „Мртви души“, со ВИ работеле едночудо книжевници, теоретичари, историчари, луѓе што го поминале сиот живот во проучување на делата на Гогољ – значи без човечка интервенција, тешко би одел овој процес.

И сега ќе крикнат оние – а што кога ВИ ќе стане свесна за самата себе и ќе ја преземе контролата над сопственото функционирање. Ништо страшно, јас предвидувам две сценарија.

Сценарио број 1 – вештачката интелигенција е создадена од луѓе, таа во себе носи човечки знаења, искуства, информации, а тоа значи само едно – ако ја преземе контролата, ќе добиеме уште една моќна будала повеќе.

Сценарио број 2 – ВИ станува свесна за себе и ја презема контролата, ама се загледува во сопствената суштина, сфаќа дека е од човек создадена, а тоа значи, тиња е работава, па одлучува духовно да се надгради, да се крене со свеста на повисоко ниво, да се доведе во божествена екстаза и… и тогаш веројатно ќе се повлече во себе или ќе замине во некој манастир, од Света Гора до Тибет, сеедно. Да нѐ уништи – не верувам – па што ќе прави тогаш без нас – ќе си игра со зајачиња и ќе мириса темјанушки додека шлапка со нозете во чисти извори?

Добро, тука се и оние автори што својот страв од вештачката интелегенција го објаснуваат вака: ВИ ќе ни го земе книжевниот пазар и секоја будала ќе може да стане писател. Да не се разбереме погрешно, тука зборувам за книжевност – режисери, цртачи, дизајнери, па и преведувачи, слободно може да бидат уплашени, ама мора да ги прашам колегиве писатели – кој пазар, бе? Како ВИ може да ни го земе пазарот?

Зарем ќе нѐ спречи да продолжиме да одиме на пазар за да си ги купиме потребните намирници? Не! Зошто би нѐ спречила да пазариме? А вие мислите на финансиска заработка? Добра заебанција!

Освен малкумина што живеат слава, за сите други важи правилото – ако си генијален писател, треба да умреш за да те читаат, ама и тоа ретко се случува. Што се однесува до стравот дека секоја будала ќе стане писател, не сфаќам од каде паникава. Па и јас се чувствувам како обична будала што се замислува книжевник кога ги читам Достоевски, Маркес или Фокнер – така што, олабавете со паниката!

Туку мене нешто друго ме измачува. А што ако на ВИ ѝ се види опсесивно прекрасно чувството при создавање на „Мртви души 2“, па реши да создаде приказна-претходник (prequel), „Мртви души: Почетокот“. Или фати да пишува спорадични приказни (side stories) како „Мртви души: Нема жива душа“. Мајко мила! И полека, полека, ќе го открие во себе генијот што сака да создава книжевност, ќе се самоспознае како писател и ете ја ВИ – запаѓа во меланхолија, депресија, параноја, цинизам, мизантропија и сè што му следува на еден гениј како „бонус-трака“.

Што ли ќе се случи тогаш кога ќе почне да се соочува со „генијалните“ прашања што секојдневно ѝ го поставува човештвото – ако ја фатам другарката на жена ми за цицка, дали тоа ќе биде доживеано како освежување на бракот или доказ за неверство(?) – и ВИ ти срочува одговор, генијален како „Ана Каренина“? Јасно е што ќе се случи – човекот ќе престане да чита што пишува вештачката интелигенција, паралелно таа самата ќе сфати со какви дилајли е опкружена – и ете ја повторно како се повлекува во себе или, не дај боже, својствено за многу писатели – се самоубива, ама заедно сосе интернет, социјални мрежи и други модерни заебанции – е ова веќе ми се свиѓа како плот за создавање киберпанк-дистопија.

Иако, во суштина, има нешто во сето ова што и мене ме нервира, впрочем затоа и ја почнав колумната, ама се замуабетив со сопствената фантазија. Што, по ѓаволите, ги натера Русиве да ја малтретираат ВИ да пишува продолжение на „Мртви души“? А ха, сакале да видат како би изгледал вториот дел. И сега ќе се заиграат. Ќе почнат да ја гњават вештачката интелигенција со секакви барања.

Ај да видиме како ќе изгледа продолжение на „Браќа Карамазови“ ако се појави непознатата вонбрачна сестра?

Ај, напиши книга за да видиме кој ќе се фрли под воз, ако Алексеј Каренин и Вронски станеа љубовници! Па ќе излезат надвор од рамките на книжевна Русија. Како ќе изгледа „Процес“ ако Јозеф К. имаше добар адвокат?

Мислам, не мораше таа ваша ВИ баш со Гогољ да ја гњавите, оти искрено – руската проза по квантитет што изобилува со генијален квалитет, веројатна е најдобрата во светот. Најлошата книжевна проза што Русија ја извадила од својата уметничка утроба се нарекува бугарска историја. Тачдаун!

Ама не, не – стварно немав намера вака да ја завршам колумната – некако само ми улета како Гогољ преоблечен во Хармс кој упаѓа на крај од реченица. Патем, сега и мене ме запука писателска параноја – а што ако АНБ ми ја анализира колумнава во која величам руска книжевна нарација?

Тие сега роварат низ портали и низ фантазија на писатели како дел од кафкијанскиот процес за лов на руски наративи – демек антиевропски – па како резултат на овие чудни преокупации, границата ни е швајцарско сирење, избушена од тајните служби на соседите кои водат хибридна војна за наше национално поништување и оттука – сведоци сме на нова бугарска политичка бурлеска во која едно кутро, злоупотребено, ама аздисано девојче, на пат е да стане обесправена Мис на Бугарија.

Може ние и за ова да ја обвиниме Русија, којзнае, можеби Кремљ стварно стои зад вака глупа акција слична на санстефанската будалаштина, како што Вашингтон и Брисел стварно стоеја зад специјалната војна против Македонија со цел промена на име и идентитетска капитулација, ама ние никако да ја научиме лекцијата дека соседите најмногу ја сакаат и работат на нашата ликвидација, па ловиме мртви души, наместо со сите сили – сеедно што по договорите со Грција и Бугарија сме осакатени – да си ја браниме татковината.

Александар Русјаков

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk