logo
logo
logo

„АБАЗИ ГО СПАСИ ФИЛИПЧЕ“ - ВМРО ДПМНЕ, жестоко реагира за затворањето на предметот за модуларните болници

Vecer | 21.08.2026

„АБАЗИ ГО СПАСИ ФИЛИПЧЕ“ - ВМРО ДПМНЕ, жестоко реагира за затворањето на предметот за модуларните болници

ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на одлуката за затворање на предметот за набавката и изградбата на 19-те модуларни болници, обвинувајќи дека со тоа е избегнато кривично гонење на поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Од партијата велат дека одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвора сериозни прашања за начинот на кој е постапувано со случајот.

Од партијата потсетуваат дека предметот бил оформен на 10 септември 2021 година, непосредно по трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица. Според ВМРО-ДПМНЕ, по пет години ОЈО ГОКК, предводено од Ислам Абази, донело одлука дека не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Од партијата тврдат дека Филипче имал директна одговорност за поставувањето на модуларните болници, посочувајќи ги измените на Законот за градење со кои овие објекти биле третирани како урбана опрема, за чие поставување и одобрение било надлежно Министерството за здравство.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува и дека не биле изработени потребните технички спецификации и елаборат за електрична енергија, а дополнително го посочува и фактот дека модуларната болница во Тетово била поставена во близина на резервоар на бензинска станица.

Партијата особено го проблематизира времетраењето на постапката, тврдејќи дека предметот со години бил во обвинителските фиоки, најпрво кај Вилма Русковска, а потоа кај Елизабета Јосифовска.

„На само месец дена од заминувањето од челната позиција во обвинителството, Абази си ги одработува последните нарачки за заштита на своите шефови и спас на Венко Филипче од кривичен прогон“, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека затворањето на предметот не значи дека случајот засекогаш е затворен и оти, доколку се појават нови докази, постапката може повторно да биде отворена.

ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе продолжи да бара целосно расчистување на трагедијата во Тетово и утврдување одговорност за сите за кои ќе се утврди дека направиле пропусти или злоупотреби.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk