logo
logo
logo

Инвестиција во младите таленти: ОТВОРЕНИ СЕ АПЛИКАЦИИТЕ ЗА ПРЕСТИЖНИТЕ СТИПЕНДИИ „АТАНАС БЛИЗНАКОФ“ НА УКИМ

Vecer | 02.06.2026

Инвестиција во младите таленти: ОТВОРЕНИ СЕ АПЛИКАЦИИТЕ ЗА ПРЕСТИЖНИТЕ СТИПЕНДИИ „АТАНАС БЛИЗНАКОФ“ НА УКИМ

Фондацијата „Атанас Близнакоф“, во стратешка соработка со организацијата Македонија2025 и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), со задоволство го најавува отворањето на новиот повик за доделување стипендии за студентска извонредност за академската 2026/2027 година.

Овој повик е наменет за сите редовни студенти кои се запишуваат на прв циклус студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основната мисија на оваа програма е да обезбеди еднаков пристап до образование, континуирана финансиска поддршка и силна мотивација за младите луѓе во земјата да го продолжат своето образование, остварувајќи ги своите академски и професионални амбиции.

Стипендиската програма за претстојната академска година е структурирана во два дела и нуди вкупно 50 стипендии, секоја во износ од 2.500 американски долари годишно. Првиот дел од повикот опфаќа 40 стипендии за студентска извонредност, наменети за редовни студенти на сите факултети при УКИМ. Овие стипендии имаат за цел да ги поддржат оние млади луѓе кои покажуваат извонредни резултати и посветеност, но се соочуваат со финансиски предизвици. Вториот дел вклучува дополнителни 10 стипендии кои имаат специфична цел да ги поттикнат и мотивираат студентите да се запишат во области од суштинско значење за одржливата иднина на нашата земја. Овие области ги вклучуваат земјоделството, производството на храна, ветеринарната медицина, шумарството, екологијата, екоинженерингот, природните науки, циркуларната економија и одржливиот развој. За овие 10 стипендии можат да аплицираат само студентите кои се запишуваат на Факултетот за земјоделски науки и храна, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Природно-математичкиот факултет, Факултетот за ветеринарна медицина и Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во Скопје.

– Нашата мисија е јасна – да ги поддржиме младите таленти кои се вистинската иднина на нашето општество. Преку овие стипендии, сакаме да осигураме дека финансиските пречки никогаш нема да застанат на патот на студентската извонредност. Секој млад човек заслужува еднаква можност да го оствари својот целосен потенцијал, а ние сме тука да им го олесниме тој пат и да ги охрабриме да целат високо – изјави претставник на Атанас Близнакоф програмата.

Од Македонија2025 го нагласуваат сеопфатниот карактер на програмата:

– Стипендијата на Фондацијата „Атанас Близнакоф” не е само финансиска поддршка – таа е целосна програма за личен и професионален развој. Покрај финансиската поддршка, секој стипендист добива пристап до менторство од врсници, менторство од искусни професионалци, практикантски позиции и обуки за развој на вештини – се тоа во една стипендијска програма. Веруваме дека младиот човек не треба да бира меѓу финансиска поддршка и професионален раст- истакна претставник на Македонија2025.

За да аплицираат за овие стипендии, кандидатите треба да ги исполнуваат следните критериуми: да се државјани на Република Северна Македонија, да се запишуваат како редовни студенти во прва година на УКИМ, да имаат завршено средно образование со просечен успех од најмалку 4,0 и да доаѓаат од семејства каде финансиската поддршка е од витално значење за нивното понатамошно образование. Исто така, кандидатите не смеат да бидат корисници на друга стипендија повисока од 6.000 денари месечно.

За сите заинтересирани, особено сакаме да истакнеме, дека апликанти не мора веќе да бидат официјално запишани на УКИМ во моментот на поднесување на апликацијата. Потврдата за статус на редовен студент се доставува дополнително, само доколку кандидатот биде избран за стипендист.

Македонија2025 се заблагодарува на Фондацијата „Атанас Близнакоф” и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за нивната долгодишна доверба и партнерство во имплементацијата на оваа програма. Заедничката посветеност кон поттикнување и развивање на талентот, создавање на врвни професионалци и лидери кои ќе носат позитивни промени во општеството и економијата, претставува темел на оваа исклучителна партнерска програма.

Ги повикуваме сите амбициозни млади луѓе кои планираат да се запишат на УКИМ да ја искористат оваа извонредна можност.

Повеќе информации за програмата „Атанас Близнакоф” на следниот линк:

https://www.macedonia2025.com/en/what-we-do/leadership-development/atanas-bliznakoff-scholarships-for-student-excellence

Повеќе информации за отворениот повик за стипендии:

https://www.macedonia2025.com/en/news/stipendii-od-fondacijata-atanas-bliznakof-za-redovni-studenti-zapishani-vo-prv-ciklus-studii-pri-univerzitetot-sv-kiril-i-metodij-vo-skopje-vo-akademskata-2026-2027-godina

Апликациите се поднесуваат на следниот линк:

https://e-scholarship.macedonia2025.com/#/scholarship-details/23

Крајниот рок за поднесување на апликациите е 31 август 2026 година, до 23.59 часот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk