Македонија има јасна европска определба, но и јасно поставени црвени линии кога станува збор за македонскиот идентитет, јазик и култура, нагласувајќи дека ставот што ЗНАМ го застапува од своето основање денес е и став на Владата и државна позиција на Македонија, изјави претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски на денешната средба со граѓани во Гостивар.
Тој рече дека ЗНАМ ја поддржува иницијативата за средба и разговор со бугарската страна, но дека Македонија повеќе нема да дозволи билатералните прашања да се претвораат во услови за нејзината европска иднина.
-Ние сме за разговор, за средба и за добрососедски односи со Бугарија. Но, да бидеме јасни, за идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ нема да преговараме. Претходната власт дозволи едно билатерално прашање да биде внесено во европскиот процес и од билатерален проблем да стане европско прашање. Денес поради таквите одлуки сите ја плаќаме цената. Ние нема да ја повторуваме таа грешка. Македонија ќе оди кон Европската Унија, но во Европа ќе влеземе како Македонци, со македонски јазик, македонска култура и сопствен национален идентитет – рече Димитриевски.
Пред гостиварчани, Димитриевски говореше за конкретните резултати од капиталните проекти, зголемувањето на платите и економскиот стандард.
-Кога зборуваме за резултати, зборуваме за нешто што граѓаните можат да го видат и почувствуваат. Во изминатиот период поддржани се повеќе од 1.200 проекти во општините, од кои дел веќе се завршени, а дел се во реализација. Тоа се улици, водоводи, канализации, училишта, спортски објекти и друга инфраструктура. Но, зад секој од овие проекти стои нешто многу поважно, подобар услов за живот, подобра услуга и нова можност за развој на секоја општина – рече Димитриевски.
Димитриевски во своето обраќање се осврна и на мерките за подобрување на животниот стандард, нагласувајќи дека растот на економијата мора да се почувствува директно кај граѓаните.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата