logo
logo
logo

НОВА БЕТОНИЗАЦИЈА НА ВОДНО, како што бараат од СДСМ во Центар, ќе запре кај минстерот Николоски

Vecer | 22.07.2026

НОВА БЕТОНИЗАЦИЈА НА ВОДНО, како што бараат од СДСМ во Центар, ќе запре кај минстерот Николоски

Ноторна лага е дека советниците на ВМРО го поддржале Деталниот урбанистички план (ДУП) во Општина Центар, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. На 14 јули, советниците на мнозинската СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар здружно изгласаа на Водно под Јужна обиколница да се градат хациенди, за кои треба да се сече шума. Со 13 гласови „за“ од советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан Нацрт-деталниот урбанистички план Градска четврт Ј05-Барутана. Против беа советниците на „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ, како и советниците Ненад Матевски од СДСМ и Катерина Костадинов од ВМРО-ДПМНЕ.

Планот сега треба да помине на јавна анкета на која граѓаните ќе можат да ги изнесат своите забелешки. Потоа се прави финална верзија во која се вметнуваат прифатените забелешки и повторно оти на гласање на Советот.

СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗДРУЖНО ИЗГЛАСАА ДА СЕ ГРАДАТ ХАЦИЕНДИ НА ВОДНО ЗА КОИ ЌЕ СЕ СЕЧЕ ШУМА

Денеска, на новинарско прашање по промоцијата на реконструираното одделение за Трауматологија во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски” во Скопје за тоа дали ќе побара од советниците на ВМРО да гласаат против Планот за Водно, поради предупредувањата на стручњаците дека на Скопје му се заканува катастрофа со овој план, Мицкоски одговори:

„ Не знам јас за каков план и за кои стручњаци зборуваме. Прво ќе ми дозволите да го погледам, па потоа да дадам коментар, навистина не сум запознаен. Ниту кои стручњаци давале мислење, ниту пак за планот којшто Општина Центар планира да го носи. Таму е градоначалник од опозицијата којшто скоро беше промовиран како потпретседател, ако не се лажам, на СДСМ, така што можеби посоодветно е тоа прашање нему да му го упатите. ​А се разбира, кога ќе дојде тоа во институциите каде што ние како Влада имаме ингеренции, да речеме Министерството за транспорт, секако дека нема ниту милиметар да направиме чекор којшто ќе биде во спротивност на интересите на граѓаните“.

На инсистирање на новинарката дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа за Планот, а дека стручњаците се професори на Градежниот и Архитектонскиот факултет, премиерот кажа:

„ А, сега ми текнува кога ми кажувате за што станува збор. Тоа беше една ноторна лага дека советниците на ВМРО го поддржале планот. Ако зборувате за иницијативата, тоа е сосема нешто друго. За тоа да се реализира има уште 4-5 чекори до негова реализација, така што еве, јавно јас како претседател на Владата зборувам, тој план допрва треба да дојде во институциите коишто ќе го вреднуваат и ние нема ниту милиметар да направиме којшто ќе биде спротивен на интересите на граѓаните“.

При презентацијата на планот на 14 јули, остро реагираа советниците на „Шанса за Центар“, Левица и ЗНАМ кои буквално ги молеа советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да гласаат со свои глави, а не по партиски наредби, и да не дозволат ново уништување на Водно за интерес на неколку моќници.

„Овој предел е шума која ја засадиле нашите сограѓани после Втората светска војна за да се заштите Водно од ерозија на земјиштето. Сите знаеме што значи ако почне да се јавува ерозија и свлечишта. Уништуваме шума и зеленило од 9.000 метри квадратни за да се градат 13 објекти за некој инвеститор да гради. Сега се хациенди со површина за градба од 700 до 1.000 квадрати, па ќе станат згради. Па зар за неколку моќници ќе го ставиме целиот град во опасност? Исто така, за да се стигне до овие објекти треба да се пробијат улици, а тој предел е доста стрмен и Општината треба да донесе инфраструктура. Сето тоа ќе ја чини многу повеќе отколку парите што ќе ги добие од комуналии. Планот, и овој што сега се предложува и претходните, се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) бидејќи ги надминуваат параметрите. Со ГУП-от се предвидува бруто површина за градба од 6.500 метри квадратни, а на овој дел веќе изграденоста е 16.000 метри квадратни. Сега со планот се предвидува 29.000 метри квадратни бруто површина за градба. Ние со носење на план за 100 жители ги доведуваме во опасност сите граѓани на Скопје. За кого работите вие, за кого сме избрани, за овие сто моќници или за сите жители на Центар? Ве замолувам да гласате со своја глава и да не го дозволиме овој план“, рече советничката и архитектка Билјана Филиповска-Тодорчевска од „Шанса за Центар“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk