Владата го усвои Предлог-буџетот за 2027 година, со планирани приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од бруто-домашниот производ, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Буџетските проекции се засноваат на очекуван реален економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти.
Во споредба со 2026 година, приходите се планирани да пораснат за 5,7 проценти, а расходите за 4,8 проценти.
Според министерката, целта е постепено намалување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг, паралелно со финансирање на инвестициите и законските обврски на државата.
„Основната цел е да обезбедиме стабилни и одржливи јавни финансии, да продолжиме со постепена фискална консолидација, но истовремено да создадеме услови за економски раст, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, рече Димитриеска-Кочоска.
Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарда денари, со раст од 6,4 проценти. На прашањето дали приходната страна е реално планирана, министерката одговори дека проекциите се направени внимателно, според методологија развивана со поддршка од Меѓународниот монетарен фонд. Најави и дека во 2027 година треба да се вратат уште 1,5 милијарда денари од солидарниот данок, што ќе влијае врз прикажаната наплата на данокот на добивка.
За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди за пензии. Средствата за пензии се зголемени за 4,8 проценти, согласно планираните законски усогласувања. За заштита на најранливите категории граѓани се планирани 14,3 милијарди денари, а за активни политики и мерки за вработување 2,9 милијарди денари.
За здравствена заштита се предвидени дополнителни 3,9 милијарди денари во споредба со 2026 година. Општините, преку блок-дотации и дотации од ДДВ, треба да добијат околу 36 милијарди денари, додека за одбраната се планирани средства во висина од два процента од БДП.
Димитриеска-Кочоска посочи дека во буџетот се земени предвид обврските од колективните договори за плати во јавниот сектор, како и очекуваното зголемување на минималната плата. Не соопшти конкретни износи на покачувањата по сектори.
За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Министерката нагласи дека финансирањето на проектите преку Јавното претпријатие за државни патишта треба да се разгледува одделно од оваа сума, бидејќи средствата за претпријатието веќе не се предвидени во буџетот, туку ги обезбедува самото ЈПДП.
Меѓу најавените инвестиции се продолжувањето на изградбата на коридорите 8 и 10д, автопатските делници Кичево–Буковчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, како и модернизацијата на железничката инфраструктура.
За 2027 година се најавени и обнова на возниот парк на „Железници – Транспорт“, инвестиции во објектите на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, реконструкција на студентски домови, училишта и спортски сали. Продолжуваат и проекти за енергетска ефикасност, наводнување, дигитална инфраструктура и брз автобуски превоз во Скопје.
Покрај покривањето на буџетскиот дефицит, државата во 2027 година ќе има обврски за сервисирање на долгот од 124,6 милијарди денари. Од нив, 46,5 милијарди денари се однесуваат на надворешниот долг. Во март доспева еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година.
Поради тоа, Димитриеска-Кочоска најави издавање нова еврообврзница во првиот квартал од 2027 година. Рече дека веќе се водат разговори и дека се разгледува задолжување во две транши со различна рочност. Не сакаше да предвиди конечна каматна стапка, посочувајќи дека условите зависат од движењата на меѓународните пазари.
Според презентираниот план, предвидени се 36,3 милијарди денари домашно задолжување, дополнителни 60 милијарди денари за рефинансирање на краткорочни државни хартии од вредност и 86,8 милијарди денари задолжување во странство.
На новинарските прашања за можни промени во вториот пензиски столб, министерката одговори дека се разгледуваат различни модели, но дека во моментот нема законски измени. Трансферите кон вториот столб се предвидени и во буџетот за 2027 година.
Таа изрази сомнеж дали постојниот модел ги остварува првично очекуваните резултати и најави дополнителни анализи со ММФ. Не соопшти избрано решение, ниту рок за евентуални промени, посочувајќи дека законската подготовка е во надлежност на Министерството за социјална политика, со учество на Министерството за финансии.
Во врска со прашањата за наводни големи приливи на пари од Србија во домашна банка, Димитриеска-Кочоска рече дека нема сознанија за такви трансфери. Нагласи дека Управата за финансиско разузнавање треба да ги извести надлежните институции доколку утврди незаконитости и изрази доверба во контролите што ги спроведува Народната банка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата