Во своето обраќање, Мицкоски оцени дека Македонија го минува најдолгиот и најтешкиот пат кон Европската Унија, проследен со бројни условувања, одложувања и, како што рече, неправедни удари.
„Големите го прават тоа што сакаат, а малите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес“, изјави премиерот, додавајќи дека државата мора да постапува мудро и трпеливо.
Тој ја обвини Бугарија дека по приемот во Европската Унија почнала да ги користи европските механизми за блокирање на македонските евроинтеграции. Според него, пред членството во ЕУ, источниот сосед не ги поставувал прашањата за Бугарите во македонскиот Устав и за историските личности на начинот на кој ги поставува денес.
„Нашиот источен сосед сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за Бугарите, за кои таа тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав“, рече Мицкоски.
И покрај овие критики, премиерот нагласи дека напуштањето на преговорите со ЕУ не е решение, бидејќи членството би ѝ овозможило на Македонија рамноправно да учествува во носењето европски одлуки.
„Честопати ни велат: ‘Напушти ги преговорите!’ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса“, порача тој.
Мицкоски упати порака и до оние за кои смета дека се обидуваат да ја оспорат македонската историја.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата