logo
logo
logo

ПОЛИЦИЈАТА АКТИВИРАЛА ДРОН ЗА ДА ГО НАЈДЕ „МЕРЦЕДЕСОТ“ - детали за трагедијата кај Блаце

Vecer | 20.07.2026

ПОЛИЦИЈАТА АКТИВИРАЛА ДРОН ЗА ДА ГО НАЈДЕ „МЕРЦЕДЕСОТ“ - детали за трагедијата кај Блаце

Полицијата соопшти нови детали за тешката сообраќајна несреќа на патот кон граничниот премин Блаце, во која животот го загубија три лица. До пронаоѓањето на возилото дошло по опсежна полициска потрага во која биле вклучени дронови и системот „Безбеден град“.

Исчезнувањето на патниците било пријавено вчера, на 19.07.2026 година во 13:40 часот, во Полициската станица Бит-пазар. Пријавата ја поднел М.Ш. (56) од Косово, кој алармирал дека не може да стапи во контакт со својата сопруга Ф.Ш.Т., нејзиниот брат У.Т. и неговата сопруга Џ.К. Контактот со нив бил изгубен откако во саботата навечер, околу 22:15 часот, тројцата со возило си заминале од Меѓународниот аеродром Скопје.

Веднаш по дојавата, СВР Скопје ги активирала екипите од ЕВР Чаир, ЕВР Центар и Единицата за интервентна полиција. За да се лоцира возилото, полициските службеници започнале со детално пребарување и преглед на камерите од системот „Безбеден град“. Откако било утврдено дека автомобилот воопшто не ја напуштил државата преку граничниот премин Блаце, над претпоставената траса на движење бил подигнат и полициски дрон.

Истата вечер, во 22:35 часот, возилото конечно било лоцирано. Станува збор за автомобил „мерцедес“ со германски регистарски таблички, кој излетал и се превртел на дел од автопатот Скопје – Блаце кој сè уште е во изградба и е затворен за сообраќај.

Од МВР го соопштија и идентитетот на настраданите, кои поради тежината на повредите починале на самото место: возачот У.Т. (64) од Косово, со живеалиште во Германија, сопатничката Ф.Ш.Т. (56) од Косово, со живеалиште во Германија и сопатничката Џ.К. (54) од Турција со живеалиште во Германија.

Смртта кај патниците била констатирана од страна на лекар од Итната медицинска помош. На местото на несреќата бил извршен детален увид од страна на јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на обвинителот, телата на починатите се дадени на обдукција која треба дополнително да ги расветли причините за оваа голема трагедија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk