Основното јавно обвинителство Охрид отвори истражна постапка против 53-годишен маж од тетовска Брвеница, осомничен дека од користољубие го убил охриѓанецот Климе Митрески, со кого имал договор за доживотна издршка. Се работи за имот вреден над еден милион евра во старото охридско јадро, по претходно склучен договор за доживотна издршка.

Според обвинителството, делото било извршено на 25 март од Жарко Грозданоски од Брвеница кај Тетово, анестезиолог и вработен во Клиничка болница Тетово во домот на жртвата во Охрид, откако осомничениот сакал да го спречи Митрески да го раскине договорот склучен кај нотар во февруари 2025 година, со кој по неговата смрт требало да стекне значителен имот.
По вербална расправија, осомничениот го нападнал жртвата од зад грб.
„По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт“, соопштува обвинителството.
Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, осомничениот го напуштил местото на настанот.
Неговото присуство и движење се документирани преку видео надзор.
„Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видео надзор поставен во куќата на оштетениот, а во текот на претходната постапка обезбедени се и други снимки од видео надзор за неговото движење, како и други материјални докази“, информираат од обвинителството.

Станува збор за особено тешко кривично дело – убиство од користољубие, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Поради сериозноста на делото и ризикот од бегство, како и можноста осомничениот да влијае врз сведоци или да прикрие докази, јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата