logo
logo
logo

Тргнавме, нема сега запирање

„ОДИМЕ ДО КРАЈ. Или ќе победи мафијата која со децении трае или ЌЕ ПОБЕДАТ НАРОДОТ И ДРЖАВАТА“

Vecer | 19.03.2025

„ОДИМЕ ДО КРАЈ. Или ќе победи мафијата која со децении трае или ЌЕ ПОБЕДАТ НАРОДОТ И ДРЖАВАТА“

Премиерот Христијан Мицкоски во своето гостување на ТВ истакна дека по извршените контроли во дискотеките утврдено е дека повеќето од половината кои имале лиценци, не исполнуваат услови, и потенцираше дека ќе има забрани за вршење на дејност за сите кои не исполнуваат услови.

-Денеска пред да дојдам на ова интервју добив информација од Државниот пазарен инспекторат дека се проверени повеќе од 60-70 локали. Дури и оние кои имаат важечки лиценци, повеќето од половина не ги исполнуваат минималните технички услови. И тоа е најголемиот проблем, изјави премиерот Христијан Мицкоски,

Премиерот Мицкоски додаде дека разговарано е и со претседателот на ЗЕЛС под итно да закаже Управен одбор, да се проверат сите оние објекти кои се под општинска надлежност.

-Комуналните инспектори да излезат на терен, да ги проверат настрешниците, терасите. Нема назад, тргнавме. Или ќе победи таа мафија која со децении трае или ќе победат народот и државата. Ние сме на страната на народот и државата и одиме до крај. Ќе добијат решителност, рече премиерот Мицкоски.

Ние тргнавме и ќе одиме до крај, ќе одговара секој без оглед дали е од ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ

-За сите оние кои што било како допринеле со милиметар да се случи ова кое што се случило, ќе има одговорност, без разлика дали се тие од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од СДСМ, ДУИ или од некоја друга политичка партија, без разлика дали се Македонци, Албанци или други, без разлика дали се христијани или муслимани. За секој оној за кој ќе биде утврдена одговорност ќе одговара, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното интервју.

Премиерот Мицкоски вели дека нема запирање и се она кое што претходно се сокривало, односно како што рече, се ставило под тепих ќе биде откриено и ќе се дознае, се до крај додека не следува целосна одговорност.

-И не само за овој случај, ќе одговараат за многу други случаи, кои во минатото кај граѓаните и во нивната меморија оставија чувство на сомнеж дали е навистина се постапено онака како што требало да е постапено. Сега е моментот се она кое што порано било ставано под тепих да биде откриено, и се она кое што било ставано под тепих да биде решено, изјави тој.

-Ние тргнавме и запирање нема. Ќе одиме до крај. Сакаа да го видат крајот, епа ќе го видат крајот, дециден е премиерот Мицкоски.

Ќе се отвораат и други случаи, како Модуларна болница во Тетово и Ласкарци

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното гостување порача дека ќе се отворат сите претходни случаи и за Беса Транс, за Модуларната болница и за Ласкарци истакнувајќи дека ќе се оди до крај и ќе има одговор што точно се случувало, односно како што рече или ќе има победа за Македонија и граѓаните или за мафијашите.

-Сите овие случаи кои што ги кажавте одблиску ќе ги следам. Знам во која фаза се и очекувам обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме во кој испитен центар кажале дека тој технички е исправен, кој ја дал да тој испитен центар функционира така што функционира. Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи, таму каде што мислам дека недостасуваат. За сето ова ќе има одговор, ќе има разврска. Нема ништо да оставиме. Јас ви реков тргнавме, нема сега запирање, сега одиме до крај. Или тие или ние. Во животот постојат две работи, или тој или ти. Не може двајцата да опстанат, или ние ќе опстанеме, Македонија и граѓаните од една страна, или мафијашите. Нема место за двајцата повеќе, дециден е Мицкоски.

Тој додаде:

-Кога ќе одлучам да влезам во битка, или јас или противникот. Не може двајцата.

На констатацијата од новинарот дека го држи за збор за ова што го кажа премиерот Мицкоски, рече:

-Да ме држите за збор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk