logo
logo
logo

ВИДЕО | 29 ПОЖАРИ ЗА САМО ЕДЕН ДЕН, ШЕСТ СЕ УШТЕ БЕСНЕАТ - Ангелов предупредува: „Доволна е само искра за катастрофа“

Vecer | 16.08.2026

ВИДЕО | 29 ПОЖАРИ ЗА САМО ЕДЕН ДЕН, ШЕСТ СЕ УШТЕ БЕСНЕАТ - Ангелов предупредува: „Доволна е само искра за катастрофа“

29 пожари на отворен простор се регистрирани во текот на вчерашниот ден низ Македонија, што ја прави состојбата со пожарите исклучително тешка, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Од вкупниот број пожари, 22 се целосно изгаснати благодарение на брзата реакција и ангажманот на локалните пожарникари, еден е ставен под контрола, додека шест пожари и натаму се активни.

Кај Македонски Брод, во атарот на селото Драгов Дол, денеска се применува посебна тактика за гаснење. Во близина на пожарот е поставен голем импровизиран базен од кој хеликоптерот ќе зема вода и ќе дејствува врз огнот во кратки интервали, односно на секои четири до пет минути. На терен се и тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување, составени од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци.

Ангелов очекува пожарот кај Драгов Дол да биде целосно изгаснат во текот на денот.

Активен е и пожарот во атарот на селата Борино и Житоше во Општина Крушево. Рано утрово таму е испратен тим од 20 доброволни пожарникари, а според Ангелов, пожарот е пред целосна ликвидација. Се очекува до пладне да биде ставен под целосна контрола, по што ќе следи проверка и негово целосно гаснење.

Повеќе денови активен е и пожарот во атарот на селото Рамни Габер, Општина Студеничани. Огнот не ја зголемува динамиката, но се движи по исклучително тежок и делумно непристапен терен. Поради тоа, можно е да се интервенира со „ер трактори“.

Пожар има и на територијата на Велес и Зелениково. Од велешка страна е во атарот на селото Слп, а од страната на Зелениково се движи кон селата Добрино и Тисовица. Гори ниска вегетација, шума и габер, а поради непристапниот терен, по потреба ќе биде обезбедена и воздушна поддршка.

Во Општина Јегуновце, кај Копанце, и натаму е активен пожарот што гори веќе неколку дена. Таму гори мешана шума, грмушки и тревна вегетација, а Дирекцијата планира да дејствува со „ер трактори“ за да спречи ширење на огнот. Активен пожар има и во атарот на селото Конопница во Општина Крива Паланка.

Ангелов повторно апелираше до граѓаните да бидат внимателни и да не преземаат активности со кои може да предизвикаат пожар.

„Ве молам, внимавајте. Доволна е само искра за вистинска катастрофа“, порача тој, посочувајќи дека и пожар кој нема да прерасне во национална катастрофа може да биде трагедија за семејството на кое ќе му изгори домот или викендичката.

Тој се осврна и на пожарот што синоќа околу 2 часот избувнал над Зелениково и директно се заканувал на куќи од последниот ред на ридот.

Според Ангелов, жителите веднаш реагирале, прскале со вода и отстранувале грмушки и дрвја во близина на куќите. Потоа пристигнал и градоначалникот на Зелениково со општинското противпожарно возило, заедно со доброволни пожарникари, а набргу пристигнала и скопската професионална противпожарна екипа. Заедничката интервенција спречила огнот да стигне до куќите.

Ангелов изрази сомневање дека пожарот бил намерно предизвикан, бидејќи избувнал околу 2 часот по полноќ, во непристапен простор и во непосредна близина на куќи.

„Повеќе од сигурен сум дека овој пожар е предизвикан намерно“, рече Ангелов, додавајќи дека се работи на откривање на причинителот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk