Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со реализација на политики и инвестиции за зголемување на домашното производство на електрична енергија, намалување на зависноста од увоз и заштита на стандардот на граѓаните, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека спротивно на тврдењата за поскапување од 5%, реалното зголемување на цената на струјата изнесува 2,28%, што е меѓу најниските стапки во Европа. Дополнително, преку нови законски измени се отвора можност за намалување на цената за домаќинствата за 5 до 10 проценти, додека мерките за субвенционирање директно спречуваат нови ценовни шокови.
Главната цел на владината стратегија е Македонија постепено да прерасне во нето-извозник на електрична енергија. Податоците покажуваат дека во април годинава домашното производство покрило дури 88,8 проценти од вкупната потрошувачка во земјата.
Покрај подобрувањето на работењето на АД ЕСМ и зголемувањето на хидро-акумулациите, во тек е реализација на неколку големи инвестициски проекти. За фотонапонската електрана „Битола 3“ и третата фаза од ревитализацијата на хидроелектраните веќе се потпишани договори во вкупна вредност од 97 милиони евра. Едновремено, започнува изградбата на најголемиот ветерен парк во земјава со 55 ветерници преку инвестицијата на „Алказар Енерџи“ вредна околу половина милијарда долари, кој ќе снабдува 100 илјади домаќинства.
Дополнително, со потпишаниот меморандум со „Казанџи Груп“ се отвора можност за стратешки проект вреден до една милијарда евра, кој опфаќа нови производствени капацитети и изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас. Од владејачката партија подвлекуваат дека овие инвестиции носат нови работни места, поголема сигурност во снабдувањето и намалување на изложеноста на надворешни ценовни и политички ризици, создавајќи стабилен и одржлив енергетски систем за граѓаните и индустријата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата