Системот „Безбеден град“ наскоро во целост ќе ги опфати и странските возачи, кои повеќе нема да можат да ги избегнуваат казните за сообраќајни прекршоци направени низ македонските патишта. Како што беше најавено, во тек е имплементацијата на вториот чекор од овој проект, кој се однесува на прекугранична достава на глобите за сите оние кои управуваат возила со странски регистарски таблички.
Апел за доследно почитување на сообраќајните правила и прописи беше упатен директно до странските државјани и до иселениците кои транзитираат низ државата, особено по Коридорите 8 и 10. Надлежните потенцираа дека системот функционира автоматски преку мрежа од камери и дека тој ќе се однесува еднакво на сите учесници во сообраќајот, без какви било исклучоци. Иако прекуграничната достава на казни се смета за технички и правно сложен процес, МВР веќе има подготвено конкретно решение кое наскоро треба да профункционира во пракса.
„Безбеден град“ официјално почна со работа на 1 февруари годинава, со цел автоматско регистрирање на прекршоците, зголемување на безбедноста и намалување на сообраќајниот хаос. Оваа најава за санкционирање на странските возила беше соопштена вчера од страна на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за време на промоцијата на превентивната кампања „Вози одморен“ на граничниот премин Табановце, каде што присуствуваше и српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата