Пожарот што денеска околу 13:30 часот избувнал во близина на прилепското село Чаниште многу брзо се проширил и навлегол меѓу куќите во селото.
Зафатени се повеќе објекти, меѓу кои најмалку една куќа што се користела за живеење и една штала, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Се работи за старо, убаво македонско село, кое некогаш било полно со живот. Верувам дека овде живееле стотици луѓе, но денес, според информациите од локалните жители, најверојатно живеат десетина повозрасни жители“, изјави Ангелов.
Огнот се движел меѓу старите куќи, од кои најголем дел се напуштени. Според досегашните информации, пламените јазици зафатиле и најмалку една куќа која се користела за живеење, а постои можност да се зафатени и повеќе објекти што биле користени за повремен престој.
„Дополнително ќе ја утврдиме точната бројка на зафатени куќи. Зафатен е и еден објект, релативно нова штала, која исто така е изгорена“, рече Ангелов.
Благодарение на интервенцијата на прилепските пожарникари, ширењето на огнот низ селото било запрено и, според Ангелов, била спречена многу поголема катастрофа. Сепак, пожарот потоа продолжил да се шири надвор од селото во два различни, дијаметрално спротивни правци.
Во моментов активни се два тешки крака на пожарот, кои навлегуваат во предел со исклучително висока и сува трева, трње и грмушки.
„Според неколку локални жители, огнот навлегува во трева висока повеќе од еден метар, на места до оградите. Има многу сува трева, трње и суви грмушки кои се лесно горливи. Најверојатно има и доста смреки, така што нè чека многу тешка работа“, предупреди Ангелов.
Веднаш по добивањето на информацијата за пожарот бил ангажиран и Тимот за брз одговор на ДЗС од Битола. На терен пристигнале десетина доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола, кои се вклучиле во гаснењето на еден од краците.
Според Ангелов, условите дозволуваат интервенцијата да продолжи и во текот на ноќта, а целта е да се изгасне барем еден од двата активни крака.
„Ако успееме да изгаснеме еден од краците во текот на ноќта, ќе завршиме голема работа, бидејќи овој пожар има капацитет да прерасне во еден од најголемите пожари во оваа пожарна сезона“, истакна тој.
Дополнителен проблем претставува тешко пристапниот терен околу селото, кој е претежно карпест, со ридови, стрмни долови, густа вегетација, сува трева и трње.
Неколку жители биле силно вознемирени по навлегувањето на пожарот во селото и вдишале чад. Екипи на Итната медицинска помош биле на терен, а Ангелов информира дека станува збор за две женски лица кои сега се чувствуваат добро.
Во селото и натаму има места каде што огнот догорува. Ангелов посочи дека гори стог сено, а оштетен е и електричен столб кој виси на жиците и претставува дополнителна опасност.
Тој повторно упати апел до граѓаните за максимална внимателност во услови на сува вегетација и висок ризик од пожари.
„Доволна е само една искра за вистинска катастрофа“, предупреди Ангелов.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата