Инфлацијата во Македонија е 2,3 проценти и е пониска од просекот во Европската Унија, кој изнесува 2,93 проценти, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција. Тој направи споредба со 2022 година, кога инфлацијата во земјата, според него, надминувала 14 проценти, нагласувајќи дека денес растот на цените е значително забавен. Мицкоски посочи дека намалувањето на инфлацијата е показател за подобрување на економската состојба и поголема ценовна стабилност во земјата.
„Денес, во Македонија, практично инфлацијата, односно на годишно ниво, цените се зголемени за 2,3 проценти. А цените на мало, во маркетите, се зголемени за 1,8 проценти. Просекот во Европската Унија е 2,93 проценти“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека ЕУ е најголем трговски партнер на Македонија и оцени дека разликата во инфлацијата денес е спротивна од онаа што, како што рече, се забележувала во 2022 година.
„Во онаа Влада во 2022 година, кога ја имавме Владата на СДСМ и ДУИ, кога имавме двоцифрена инфлација, која на моменти стигаше и до 20 проценти, не убедуваа дека била увезена. А тогаш просекот во ЕУ беше двапати помал од инфлацијата кај нас. Сега кај нас е двапати помал од просекот во Европа“, рече премиерот.
Мицкоски направи споредба и со други земји од регионот, меѓу кои Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија, Србија, Романија, Бугарија, Грција и Турција.
Според него, во јули 2022 година Македонија била на деветтото место според инфлацијата меѓу овие земји, додека сега е на второто место со најниска инфлација.
„Тогаш, во јули месец, инфлацијата била над 14 проценти, 14,7, така нешто. Сега е 2,3 проценти. Тоа е разликата меѓу оваа Влада и таа Влада“, додаде Мицкоски.
Премиерот оцени дека актуелните услови се дополнително сложени поради геополитичките случувања и енергетските ризици. Тој направи споредба со 2022 година, кога војната во Украина влијаеше врз светската економија и енергетските пазари, посочувајќи дека денес последиците од војната со Иран и случувањата во Заливот се, според него, уште посериозни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата