Основниот суд во Охрид му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот К.К., осомничен за физички напад врз неговата 26-годишна партнерка С.Ѓ.
Против него се води постапка за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Според информациите од Обвинителството, при вршење семејно насилство, осомничениот наводно противправно ја затворил партнерката, физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
По пријавениот настан, јавниот обвинител презел повеќе дејствија за утврдување на околностите. Била сослушана оштетената во присуство на претставници на социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за видот и карактерот на повредите што ги здобила.
Одлуката за притвор е донесена по предлог на надлежното обвинителство, со цел обезбедување на непречено водење на постапката.
Случајот доби дополнителна димензија откако беше приведен и таткото на девојката. Тој бил задржан во полициска станица по пријава од мајката на обвинетиот напаѓач, која тврдела дека таткото на девојката телефонски му упатувал закани на нејзиниот син и на целото семејство. За него беше најавено поднесување соодветна пријава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата