logo
logo
logo

Мицкоски за Рамазан бајрам: ДА ВЛОЖУВАМЕ ВО ЗАЕДНИЧКА ИДНИНА ИСПОЛНЕТА СО МИР

Vecer | 20.03.2026

Мицкоски за Рамазан бајрам: ДА ВЛОЖУВАМЕ ВО ЗАЕДНИЧКА ИДНИНА ИСПОЛНЕТА СО МИР

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски им го честита големиот празник Рамазан бајрам на сите верници од исламска вероисповед.

„Среќен Рамазан бајрам на сите верници од исламска вероисповед! Во овие свети денови, кога се заокружува месецот на пост, трпение и на духовна посветеност, да се потсетиме на вистинските вредности што нè обединуваат како луѓе – почитта, солидарноста, хуманоста и грижата за другиот. Овој празник нè учи дека силата на едно општество се мери преку тоа колку сме подготвени да подадеме рака, да помогнеме и да покажеме разбирање“, се вели во честитката од премиерот Мицкоски, објавена на неговата страница на Фејсбук.

Како народ, се додава, отсекогаш сме знаеле да стоиме еден покрај друг во најважните моменти. Токму затоа, денес повеќе од кога било, е потребно да го негуваме соживотот, да градиме доверба и да вложуваме во заедничка иднина исполнета со мир, стабилност и просперитет за сите граѓани.

„Нека радоста од Бајрам ги исполни вашите домови со топлина, љубов и со благосостојба. Да ги споделиме убавите моменти со семејството, пријателите и со сите оние на кои им е потребна поддршка и внимание. Со искрени желби за здравје, напредок и благодет“, се вели во честитката од премиерот Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk