На Денот на независноста – 8 Септември, одбележувањето на историскиот референдум од 1991 година повторно го врати фокусот кон луѓето и одлуките што го трасираа патот кон создавањето на самостојна македонска држава. По тој повод, повеќе функционери и политички партии упатија честитки до граѓаните, со пораки за единство, одговорност и заедничка работа за иднината на државата. Во рамки на одбележувањето, на платото на Вила Водно се одржа и панел-дискусијата „8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци“, на која се говореше за историските околности и луѓето кои директно учествувале во процесот на осамостојување.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја истакна улогата на првиот пратенички состав и експертската влада, но и придонесот на искусните и умерени политичари Киро Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев и Абдурахман Алити. Според неа, токму нивното знаење, мудрост и државничка одговорност биле од особено значење за Македонија да ја оствари независноста по мирен пат, во период кога Југославија се распаѓала низ крвави конфликти.
„Високата излезност и огромната поддршка, им даваат плебисцитарен карактер и демократски легитимитет на осамостојувањето и независноста“, кажа таа на дебатата.
Честитка стаса и од министерот за јавна администрација, Горан Минчев кој кажа дека пред 35 години, македонскиот народ одлучил сам да ја гради својата иднина.
„Оттогаш до денеска многу генерации сонуваа, работеа, се бореа и создаваа. Некои ги поставија темелите, некои ја чуваа државата, а наша обврска е да ја направиме подобро место за оние што доаѓаат по нас. Затоа независноста е одговорност кон земјата и граѓаните“, се вели во честитката од Минчев.
Јетон Шасивари, министерот за правда напиша дека овој ден е еден од најзначајните датуми во нашата современа историја.
„Независноста е историско достигнување, но пред сè е одговорност секојдневно да ја градиме и зајакнуваме државата. Силна држава е држава во која законот е еднаков за сите, правдата е независна, а институциите се професионални, одговорни и доверливи. Македонија е држава на различни граѓани, но со заедничка иднина. Нашата етничка, јазична и културна различност не е слабост, таа е вредност и сила на нашата држава“, напиша Шасивари.
Честитка стаса и од партијата ВЛЕН, во која пишува дека овој ден им припаѓа на сите граѓани на земјата, без разлика на нивната етничка припадност, јазик, вера или политички убедувања.
„Тоа е ден кој нè потсетува дека државата се гради со заеднички придонес и дека нашата иднина е посилна кога се почитуваме едни со други и обезбедуваме еднаквост за сите. За ВЛЕН, европскиот пат на Северна Македонија нема алтернатива. Интеграцијата во Европската Унија значи повисоки стандарди, повеќе можности за граѓаните, посилни институции и посигурна иднина за младите генерации“, пишува во честитката од партијата.
Делегација на СДСМ предводена од заменик-претседателката, Фани Каранфилова Пановска, заедно со членовите на Извршниот одбор, Рената Младеновска и Андреј Жерновски положија цвеќе и оддадоа почит на вечните почивалишта на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, поранешниот претседател Борис Трајковски и првиот премиер на државата, Никола Кљусев.
За попладнево е најавена и свеченост која ќе се одржи на платото пред Владата на РСМ, а на која обраќање ќе има премиерот Христијан Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата