Со опремата од 671.000 евра во реновирани 200 м2

УХМР ДОБИ МОДЕРЕН ЦЕНТАР ЗА ПРОГНОЗА НА ОПАСНИ ВРЕМЕНСКИ ПОЈАВИ

Vecer | 25.08.2026

УХМР ДОБИ МОДЕРЕН ЦЕНТАР ЗА ПРОГНОЗА НА ОПАСНИ ВРЕМЕНСКИ ПОЈАВИ
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во реализираните инвестиции и модернизацијата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), каде што беа претставени новите просторни, технички и лабораториски капацитети на институцијата.

Како што информираше директорот на УХМР, Игор Лазаровски, во изминатите две години се реализирани бројни инвестиции насочени кон модернизација на лабораториските, метеоролошките и хидролошките системи, како и кон подобрување на работните услови за вработените.

– Во Управата за хидрометеоролошки работи, во изминатите две години, се реализирани активности и инвестиции насочени кон модернизација на институцијата, подобрување на условите за работа, зајакнување на техничките и оперативните капацитети, како и унапредување на системите за метеоролошко, хидролошко и лабораториско следење – рече Лазаровски.

Посочи дека во рамки на ИПА-проект во Секторот за квалитет на води, набавена и ставена е во функција современа лабораториска опрема со вкупна вредност од 671.000 евра. За потребите на оваа нова опрема, додаде, со буџетски средства целосно биле реновирани и адаптирани околу 200 метри квадратни лабораториски простор, согласно потребите, стандардите и условите за работа.Дополнително, Лазаровски нагласи дека во објектот на УХМР е извршена целосна реконструкција за реновирање на 200 метри квадратни простор за поставување нов прогностичко-синоптички центар. Инвестицијата е во вредност од околу 250.000 евра и е реализирана со средства обезбедени од швајцарската влада, со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

– Со ова значително се подобруваат условите за следење, анализа и навремено прогнозирање на опасни временски појави и издавање предупредувања … Во рамки на проектот поддржан од швајцарската влада, исто така добиени се и две возила на користење, во вкупна вредност од околу 70.000 евра, со што значително се подобрија теренските капацитети на институцијата – рече Лазаровски.

Со средства од буџетот, во објектот на УХМР на Зајчев Рид, тој истакна дека била извршена реконструкција и на над 400 метри квадратни. – Беше заменет дотраениот под и комплетно обновен со нови плочки, а осветлувањето е заменето со современи ЛЕД-панели и светилки. Просторот е целосно реновиран, со што значително се подобрени условите за работа на вработените – истакна Лазаровски и додаде дека метеоролошкиот радар во Ѓуриште е целосно дигитализиран, а воедно реновирани се и објектите на УХМР во Охрид, Прилеп и Битола.

Со ова, рече, се овозможува посовремено следење на атмосферските процеси, подобра детекција на опасни временски појави и унапредување на системите за рано предупредување.

Претседателот на Владата, Мицкоски, оцени дека презентираните резултати се импресивни и најави апсолутна поддршка за понатамошниот развој на институцијата, но, како што рече, она што претставува предизвик е стручниот кадар.

– Денеска имавме можност да се запознаеме со сето она што во изминатиот период е направедено во Управата за хидрометеоролошки работи. Тоа што го кажа директорот е навистина импресивно. Мојата поддршка е апсолутно неограничена, бидејќи инспирира работата на луѓето кои се мотивирани да создаваат … Но, стручниот кадар е нешто што е многу важно. Се надевам дека во периодот што следи, покрај опремата која веќе е инсталирана, ќе обезбедиме кадар кој ќе може да работи на таа соодветна опрема и ќе може да добива соодветни резултати кои ни се потребни за да креираме стратегија и политика – рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk