Создавање посигурни работни места, подобри услови за работа и поголеми можности за професионален развој се дел од целите на Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, која предвидува реформи на пазарот на трудот и унапредување на работничките права.
Програмата беше потпишана со цел да се одговори на предизвиците со кои се соочува домашниот пазар на трудот, меѓу кои недостигот на квалификувани работници, иселувањето на младите и несовпаѓањето на образовниот систем со потребите на компаниите.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека целта е младите да добијат повеќе можности за вработување и развој на кариерата во земјата, наместо иднината да ја гледаат надвор од неа.
„Не сакаме младите да ја гледаат својата иднина единствено надвор од својата татковина. Сакаме тука да ја добијат својата прва шанса, да градат кариера и да ги остваруваат своите амбиции. Мораме да создадеме и повеќе можности за економско зајакнување на жените и за нивно поголемо учество на пазарот на трудот“, порача Мицкоски.
Документот е изработен во соработка со Меѓународната организација на трудот (МОТ) и социјалните партнери. Предвидува измени во трудовото законодавство, модернизација на институциите, посилен инспекциски надзор и развој на вештини што одговараат на потребите на пазарот.
Меѓу планираните мерки се и поддршката за малите и средните претпријатија, зголемувањето на продуктивноста и намалувањето на неформалната економија.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека приоритет ќе бидат заштитата и унапредувањето на работничките права, развојот на вештините и поголемото вклучување на младите и жените во работните процеси. Според него, успешноста на програмата ќе се оценува преку конкретните придобивки за работниците и компаниите.
Директорката на МОТ за Централна и Источна Европа, Клер Харасти, нагласи дека соработката меѓу институциите и социјалните партнери е клучна за отворање квалитетни работни места, зајакнување на институциите и развој на одржливи претпријатија.
Програмата е усогласена со Рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој за периодот 2026–2030 година, а реформите на пазарот на трудот ги поврзува со целите за одржлив развој и европската интеграција.
Мицкоски порача дека спроведувањето на предвидените мерки треба да донесе видливи резултати за граѓаните, поголема сигурност за работниците и нови можности за младите и жените.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата