Поради пукнат канализациски цевковод и истекување на отпадни води, општина Касандра воведе привремена забрана за капење на локацијата „Акротири“ во Пефкохори, Халкидики.
Забраната е донесена од превентивни причини и важи за делот од брегот и базените во зона од 200 метри од двете страни на местото на дефектот. Оваа мерка не се однесува на целата плажа во Пефкохори, туку само на овој јасно дефиниран дел, и ќе остане на сила сè додека лабораториските анализи на водата не потврдат дека морето е целосно безбедно.
Иако општинските служби веднаш го санираа дефектот и направија дезинфекција на просторот, на туристите и на локалното население им се препорачува строго да ги следат упатствата на властите и да не влегуваат во морето во обележаната област до официјалното укинување на забраната.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата