Пред да се изгради пат, мост, фабрика, пречистителна станица или деловен објект, некој треба да го проектира, да пресмета, да измери, постојано треба да врши надзор, да провери дали сè е според стандардите. Токму тука е бизнисот на стотиците компании собрани под дејноста Инженерски дејности и поврзано техничко советување.
А бизнисот воопшто не е мал.
Според анализата на порталот Пари, во 2025 година 663 компании оствариле вкупен приход од 187,6 милиони евра, што претставува раст од 12,57 насто во однос на претходната година. Уште посилен е растот на добивката. Компаниите заедно заработиле 34,1 милион евра, или дури 50,47 насто повеќе од 2024 година.
Пресметките покажуваат дека во 2024 година секторот имал приход од приближно 166,7 милиони евра и добивка од околу 22,7 милиони евра. Значи, за една година приходот се зголемил за околу 21 милион евра, а профитот за повеќе од 11 милиони евра.
Со тоа значително се подобрил и односот меѓу добивката и приходот. Во 2024 година добивката била еквивалентна на околу 13,6 насто од приходот, а во 2025 година тој однос се искачил на 18,2 насто.
ДЕСЕТ КОМПАНИИ СОЗДАВААТ 42 НАСТО ОД ВКУПНИОТ ПРИХОД ВО СЕКТОРОТ

Во оваа дејност не работат компании што вршат иста работа.
Националната класификација во оваа група ги сместува инженерските и советодавните услуги што се поврзани со нив, а самите компании покажуваат колку е широк опфатот ‒ од градежништво, патишта и хидротехника, до енергетика, противпожарни системи, третман на вода, геодезија и информациски системи.
Десетте најголеми компании според приход во 2025 година заедно оствариле 78,8 милиони евра. Тоа значи дека само десет компании создаваат 42 насто од приходот на сите 663 компании во дејноста.
Само првите две компании – Енерго Систем и Градежен институт Македонија – заедно имаат 30,5 милиони евра приход. Тоа е повеќе од 16 насто од целиот приход на дејноста и речиси 39 насто од приходот што го направиле компаниите од ТОП 10.
На врвот е Енерго Систем Михајло и Зоран ДОО Скопје, со 18,2 милиони евра приход, наспроти 16,3 милиони евра во 2024 година. Растот е 11,86 насто. Компанијата е силно позиционирана во термотехниката и енергетиката – греење, ладење, вентилација, гасни инсталации, енергетска ефикасност и обновливи извори.
Втората компанија е Градежен институт Македонија АД Скопје, со 12,3 милиони евра. Оваа компанија има поширок инженерски опфат – проектирање, надзор, геотехника, лабораториски испитувања и контрола на квалитетот на градежните материјали. Компанијата постои од 1975 година и работи и на проекти надвор од Македонија.
Кај ГИМ има пад од 4,95 насто, бидејќи во 2024 година приходот изнесувал 12,9 милиони евра.
И токму на третото место почнува најинтересниот дел од приказната.

М-6 ДОО Скопје во 2024 година имала приход од само 190,8 илјади евра, а во 2025 година – 9,4 милиони евра. Во податоците е наведена годишна стапка на раст од фантастични 4.812,91 насто. Со еден ваков скок компанијата директно влегува на третото место меѓу 663 субјекти.
Друштвото е регистрирано за инженеринг и услуги, но има и значајна сопственичка улога во други бизниси. Во 2025 година беше најголем акционер во ВВ „Тиквеш“, а компанијата има сопственички интереси и во „Охридтурист“.
Во 2025-та Светозар Јаневски целосно ги купи уделите на своите партнери во „М-6“ ДОО Скопје, фирма која контролира 80 отсто од акциите во винарската визба „Тиквеш“, но има висок процент на акции и во „Охридтурист“. Како што објави Фактор, за тоа е исплатена вкупна сума од 775 милиони денари, односно 12,7 милиони евра кон некогашните соработници и содружници на генералниот директор на АД „Тиквеш“.
Претходно Јаневски требаше да им ги доисплати до крај уделите кои што тие ги поседувале во „М-6“ ДОО Скопје, а оваа сума им е префрлена на доскорешните заеднички сопственици Светлана Пендаровска, Мате Настески, Ратко Чадиковски и Снежана Славкова. По ова според поред податоците од Централниот регистар, Светозар Јаневски има 90 отсто од сопственоста над групацијата „М-6“ Доо со неговата „М-6 Еден“
Веднаш зад М-6 е Техноинспект, која стигнала до приход од 9,3 милиони евра, наспроти 5,9 милиони евра една година претходно. Тоа е раст од 57,64 насто и е еден од највисоките реални скокови меѓу компаниите.
Петта компанија е ИРД – Енгинеринг, Подружница Скопје, со приход од 8 милиони евра, што е раст од 38,06 насто. ИРД е меѓународна инженерска консултантска компанија чијашто работа опфаќа мастер-планови и физибилити студии, инженерско проектирање, управување со проекти, надзор и техничка помош. Работи на транспортна, водоводна и комунална инфраструктура, објекти и други големи инфраструктурни проекти.
Нејзиното присуство во Македонија во моментов е особено значајно затоа што ИРД е носител на групата компании ангажирана како надзорен инженер и правен трансакциски советник за изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.
Последна во оваа група е компанијата Флуид Проект, со приход од 3,3 милиони евра, што е за 21,61 насто повеќе од 2024 година.
Нивниот бизнис е сосем поинаков: третман на вода за домашна и индустриска употреба, советување, проектирање и изведба на системи, сервис и одржување, како и опрема за базени и фонтани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата