За случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што изгореа 14 луѓе, секогаш може да се најдат нови докази и тој повторно да стане актуелен - изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчера објавената инфомација дека нема кривично дело што би произлегло од јавните набавки за 19-те модуларни болници. Мицкоски со жалење повтори дека шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и луѓето што го воделе овој случај не најдоа докази за сторено кривично дело во случајот во кој живи гореа 14 луѓе. Одлуката на Обвинителството за него е скандалозна.
- Ова е процес што трае веќе пет години, процес што изминатите пет години околу себе мобилизира разни информации, но она што е исто така значајно да се напомене е дека во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам, живи гореа 14 луѓе во модуларната болница во Тетово. За жал, обвинителот, кој е во заминување, колку што сум информиран, распишане е оглас за избор на нов обвинител во ОЈО ГОКК, претпоставувам своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува до крај да ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе и одлучува овој процес да го стопира - рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека сака јавноста да знае дека ова не е политичка амнестија „на овој обвинител кон поранешните негови наредбодавци бидејќи секогаш може да се појават нови детали кои се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може да стане актуелен и да почне од почеток“.
- За жал, една од тие скандалозни одлуки е и оваа. Она што мене ме збунува, а стига како порака од опозицијата, е до вчера оние што критикуваа за односот на правосудните органи сега ги фалат и се полни со хвалоспели за нивната работа и т.н. објективност, но ќе повторам - овој обвинител и луѓето што го водеа овој случај не најдоа докази за сторено кривично дело во случајот во кој живи гореа 14 луѓе - рече премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата