logo
logo
logo

На денешен ден Македонија доби химна што остана и знаме што траеше три години

ПОД ВЛАСТА НА СДСМ и ВО СЕНКА НА АТЕНТАТ - Како првото знаме замина во историјата

Vecer | 11.08.2026

ПОД ВЛАСТА НА СДСМ и ВО СЕНКА НА АТЕНТАТ - Како првото знаме замина во историјата

На 11 август 1992 година, Собранието ги изгласа првите официјални симболи на независна Македонија - химната и државното знаме. Иако беа усвоени на исто заседание и со иста цел, нивниот историски пат се покажа целосно различен. Додека химната остана непроменета веќе 34 години, знамето помина низ драма, меѓународен притисок и замена за само три години.

За избор на химната беше распишан конкурс со 36 предлози, од кои како победник излезе „Денес над Македонија“. Оваа песна била напишана уште во 1941 година во Струга од Владо Малески, а музиката ја компонирал Тодор Скаловски. Интересно е што стиховите претрпеле мали измени меѓу 1941 и 1943 година, кога името на Димитар Влахов било заменето со Даме Груев, а стихот за „славите ѕидари“ станал „одново сега знаме се вее“. Песната прво беше химна на Социјалистичка Република Македонија, за во 1992 година да стане официјална химна на независната држава.

Стојан Андов, претседател на Собранието
Стојан Андов, претседател на Собранието

Истиот ден беше изгласано и првото знаме со 16-кракото Сонце од Кутлеш, симбол пронајден во 1977 година во Егејска Македонија од археологот Манолис Андроникос. Поради дипломатскиот спор и економската блокада од Грција, во септември 1995 година беше потпишана Времената спогодба, со која Македонија се обврза да го промени знамето.

Процесот на промена се одвиваше во време кога на власт во земјава беше СДСМ, предводен од премиерот Бранко Црвенковски. Тогашната влада го задолжи графичкиот дизајнер Мирослав Грчев да подготви нови решенија. Помеѓу десетиците понудени варијанти, на 5 октомври 1995 година парламентарното мнозинство предводено од СДСМ официјално го усвои денешното знаме со осум дивергентни зраци.

Оваа одлука за менување на државниот симбол се донесе во исклучително тежок и драматичен момент за државата, само два дена по обидот за атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров. Од вексилолошки аспект, промената не ги измени основните атрибути и двете знамиња ја содржат истата црвено-жолта комбинација и пропорција 1:2, но со различна геометрија на зраците. Денешното знаме веќе повеќе од три децении го претставува државниот идентитет, покажувајќи како еден симбол стана константа, а друг мораше да се прилагоди под притисок на меѓународната политика.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk