(Фото) ОД ШТЕТА ДО АТРАКЦИЈА - Паднатите дрвја од невремето во Скопје претворени во нов моторички парк на Водно!

Vecer | 26.08.2026

(Фото) ОД ШТЕТА ДО АТРАКЦИЈА - Паднатите дрвја од невремето во Скопје претворени во нов моторички парк на Водно!
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Силното невреме што го зафати Скопје остави зад себе големи штети и бројни паднати дрвја. Но, нашата обврска не е само да ја санираме направената штета, туку од секој предизвик да создадеме нешто корисно, трајно и вредно за граѓаните. Како што најавив веднаш по невремето, здравите стебла од паднатите дрвја не ги оставивме да завршат како отпад туку им дадовме нов живот и нова намена. Водно доби нова содржина наменета за движење, рекреација, дружење и создавање здрави навики кај сите генерации, објави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

-Од нив го изградивме новиот моторички парк на Водно - внимателно уреден простор со природни препреки и реквизити за развивање на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност. Простор во кој децата преку игра ќе ги развиваат своите моторички способности, а младите и возрасните ќе можат да вежбаат, да се рекреираат и да поминуваат повеќе квалитетно време во природа, наведува тој во објавата на Фејсбук.

Додава дека наместо отпад, создадале нова вредност, а наместо уништени стебла, создале простор исполнет со движење, енергија и живот.

Истакна дека вакви паркови ќе добијат и Парк шума Гази Баба и Сарај, на местата каде што беа отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември ќе се започне со голема есенска акција за пошумување на нашиот град.

-Ова е само дел од активностите со кои му го враќаме сјајот на Водно. Го реконструиравме патот до средно Водно. Ги уредуваме патеките и ја обновуваме урбаната опрема, која со години беше оставена на забот на времето. Истовремено, на Водно и Матка веќе функционира Планинската спасителна служба, подготвена за брзи и професионални интервенции во планински услови. Со тоа ја подигнуваме безбедноста на сите посетители и создаваме услови безгрижно да уживаат во природата, посочи Ѓорѓиевски.

Истакнува дека Водно е срцето и зелените бели дробови на Скопје и оти го чуваме, го обновуваме и го развиваме паметно, одговорно и со љубов.

-Чекор по чекор, создаваме Водно какво што заслужуваат скопјани - безбедно, уредено, зелено и исполнето со содржини за сите генерации, додава Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk