ХОЏА НАЈАВИ ПЕТ ДИГИТАЛНИ ПЛАТФОРМИ: Граѓаните ќе имаат увид во загадувањето на воздухот и локациите на дивите депонии

Vecer | 28.10.2026

ХОЏА НАЈАВИ ПЕТ ДИГИТАЛНИ ПЛАТФОРМИ: Граѓаните ќе имаат увид во загадувањето на воздухот и локациите на дивите депонии

Пет нови дигитални платформи со податоци за состојбите во животната средина во земјава ќе им бидат на располагање на граѓаните, најави денеска министерот за животна средина Муамет Хоџа. Платформите ќе содржат податоци за емисиите на сите загадувачи кои имаат А-интегрирани дозволи, локации каде што има диви депонии и видео надзор, сите проекти кои ги работи министерството, како и внатрешно дигитализирање на архивата на министерството, а ќе се скратат и околу 30 чекори во административната постапка во министерството.

Дигитализацијата е алатка за транспарентност и правда, каде што завршува неефикасноста на системот и блијанијаата на човечкиот фактор. Податоците ќе се користат за борба со еколошкиот криминал, а податоците ќе бидат вдостапни на сите граѓани, рече Хоџа.

Првата платформа „Темели“, ќе овозможи граѓаните, медиумите и граѓанските организации да имаат увид во проектите што ги реализира Министерството, нивната вредност, роковите, локациите и изворите на финансирање.

Модулот „Јадро“ опфаќа дигитализација на архивата и просторно-информативниот систем. Дигиталната архива ќе овозможи електронско следење на предметите, увид во нивниот статус и информација за службеникот задолжен за нивното постапување. Овој процес се реализира во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Дигитализацијата на просторно-информативниот систем е веќе завршена и овозможува подобро управување со геопросторните податоци за заштитените подрачја и поголема транспарентност во постапките поврзани со нив.

Преку модулот „Време“, Министерството учествува во реформите за поедноставување на административните постапки. Целта е граѓаните да се ослободат од сложени процедури. Од околу 30 чекори за поедноставување на постапките поврзани со Министерството, 15 се предвидени во првата фаза, која треба да заврши до крајот на годината.

Модулот „Земја“ предвидува дигитално мапирање на дивите депонии во општините, со цел полесно планирање на средствата и ресурсите за нивно расчистување, како и подготовка за воспоставување на регионалните центри за управување со отпад. Функционалноста на платформата ќе биде предмет на консултации со граѓанските организации, ЗЕЛС и стручната јавност, а нејзината реализација е предвидена во буџетот за 2027 година. Паралелно, во неколку општини се спроведува пилот-проект за видео-надзор на дивите депонии.

Петтата платформа „Воздух“, предвидува воспоставување дигитален регистар во кој 140 иматели на А-интегрирани еколошки дозволи ќе ги објавуваат податоците за емисиите согласно условите од издадените дозволи. Регистарот е поврзан со Законот за контрола на емисиите во воздухот, кој стапува во сила во септември 2027 година.

Хоџа најави дека сите платформи ќе бидат поединечно презентирани во следниот период кога и на граѓаните детално ќе им бидат објаснети нивните бенефити и посочи дека овој проект нема да значи само формална промена, туку суштински зелен пресврт.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk