„ВАЛАНДОВО НЕ ГО МЕНУВАМЕ СО ЗБОРОВИ, ТУКУ СО ДЕЛА“: Камчев со отчет за првата година - инвестиции и покрај наследените долгови

Vecer | 28.10.2026

„ВАЛАНДОВО НЕ ГО МЕНУВАМЕ СО ЗБОРОВИ, ТУКУ СО ДЕЛА“: Камчев со отчет за првата година - инвестиции и покрај наследените долгови

Општина Валандово ја одбележа првата година од актуелниот мандат со реализација на бројни инфраструктурни и капитални проекти, наспроти наследените финансиски долгови, истакна градоначалникот Ѓоко Камчев на денешната прес-конференција.

Претставувајќи ги постигнатите резултати, Камчев потсети на сериозниот почетен финансиски товар.

Пред една година, Општина Валандово ја презедовме со сериозен финансиски товар и наследени долгови од над 60 милиони денари. ЈП Комунален сервис со долг од 45 милиони денари, додека долгот на Детската градинка „Калинка“ изнесуваше близу 5 милиони денари. И покрај тешката финансиска состојба, не застанавме и не дозволивме долговите да бидат пречка за развојот на општината. Напротив, посветено и одговорно работиме на подмирување на наследените обврски и финансиска стабилизација на општината, а истовремено ги реализираме планираните проекти и активности – истакна градоначалникот.

Во рамките на инфраструктурниот развој, реализирана е целосна реконструкција на дел од улицата „Маршал Тито“ со инвестиција од над 5 милиони денари, а во соработка со ЈП за државни патишта се реконструирани делницата Јосифово – Удово и влезовите во Валандово вредни околу 35 милиони денари. Преку средства од Министерството за транспорт и општинскиот буџет се работи на асфалтирање и санација на улици во повеќе населени места.

Во делот на комуналните и капиталните инвестиции, во тек е третата фаза од водоснабдителниот систем во Калково во вредност од над 36 милиони денари, како и проект за енергетска ефикасност на општинската зграда и домот на културата вреден над 23 милиони денари.

Камчев нагласи дека се вложува и во образованието, со финансиска поддршка за првачињата и средношколците, целосна реконструкција на училиштето во Брајковци преку унгарскиот кредит, како и изградба на нови спортски терени и социјални сервиси за повозрасните граѓани.

Зад секој проект стои работа. Зад секоја инвестиција стои одговорност. А зад секоја наша одлука мора да стои интересот на граѓаните. Валандово не го менуваме со зборови, туку со дела. Продолжуваме за Валандово, продолжуваме за секој граѓанин, продолжуваме за иднината што ја заслужуваме – порача Камчев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk