Во македонското Собрание се доставени измени на Законот за студентски стандард, со кои се заоструваат условите за користење на сместувањето во државните студентски домови преку изрекување на воспитни мерки до забрана за престој, како и определување на 30-годишна возраст, како горна граница, до кога ќе може да се добие сместување во дом.
Студентите кои ќе внесуваат или консумираат алкохол во државните студентски домови ризикуваат да останат без право на сместување до пет години, предвидуваат новите дисциплински правила што треба да се применуваат во студентските домови.
Според новиот Правилник за сместување и престој, најстрогите санкции ќе се применуваат за прекршоци кои директно ја загрозуваат безбедноста, редот и условите за живеење во домовите. Покрај алкохолот, меѓу најтешките повреди се наведуваат употреба и поседување дрога, физичко насилство, намерно уништување на имотот и други сериозни нарушувања на куќниот ред.
За ваквите прекршоци, дисциплинската комисија ќе може да донесе одлука за исклучување од студентскиот дом, а студентот да добие забрана повторно да конкурира за сместување во период до пет години.
Во правилникот се предвидени и поблаги дисциплински мерки за помали прекршоци, како опомена, јавна опомена или привремено исклучување, зависно од тежината на повредата и одлуката на надлежната комисија.
Целта на новите правила, според Министерството за образование и наука, е да се обезбедат побезбедни услови за престој во студентските домови, да се намали бројот на инциденти и да се воспостави еднаков дисциплински систем за сите студенти.
Новите мерки доаѓаат по повеќегодишни реакции за нарушување на редот во дел од студентските домови, но и по барања од управите да добијат појасни механизми за санкционирање на најсериозните прекршувања.
За студентите тоа значи дека однесувањето во домовите повеќе нема да биде регулирано само со интерни правила, туку со построг дисциплински систем кој предвидува сериозни последици за оние што ќе го прекршат куќниот ред.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата