Имаме јасна визија за комплетна промена на железничкиот сообраќај. Ако наследивме претпријатија на раб на пропаст и пред банкрот, сега имаме карго сообраќај кој бележи сериозен раст, имаме раст на број на патници, имаме крупни инвестиции во изградба на нови пруги, водиме политика на развој на Железницата како срцевина на економијата, се обрати денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, на потпишувањето на Договорот за грант со директорката на Светска банка за Македонија, Керол Межеван.

Договорот кој е во износ од еден милион евра треба да даде поддршка во реформата во преструктурирање на МЖ Транспорт со цел созадавање на функционално претпријатие. Николоски истакна дека со изборот на оваа Влада, приоритет е МЖ Транспорт да се надградува и да се модернизира.
-Најпрво направивме законски измени со коишто практично го зачувавме претпријатието, имајќи предвид дека последните одлуки на претходната Влада значеа затворање на Железница Транспорт. Потоа влеговме во сериозна реформа внатре во Железница Транспорт и веќе првите резултати се гледаат. Оваа година имаме позитивни бројки во првите четири месеци. Имаме раст и во бројот на превезени патници и она што е особено значајно и што мене многу ме радува, сериозен раст на карго сообраќајот, истакна Николоски.
Тој додаде дека со ЕУ се работи на трансформацијата на двете желенички претпријатија како дел од Планот за раст на ЕУ.
-Tокму овој проект којшто го започнуваме денеска со потпишување на овој грант од страна на Светска банка, за што сакам да се заблагодарам, е почеток на реализација на овој проект кој што ќе значи една темелна и суштинска реформа. Паралелно ќе одиме и со набавка на возови, да се обнови флотата, нешто што е особено значајно. Паралелно со една друга финансиска институција веќе потпишавме договор за набавка на електрични локомотиви, коишто многу значат во делот на развој на карго сообраќајот. Треба да се купат најмалку пет електрични локомотиви, истана заменик претседателот Николоски.
Во однос на крупните инвестици во железницата, тој додаде дека во финална фаза е изградбата на првата линија од Градски воз, а очекува оваа година да се распише и тенедерот за изградба на втората линија од Илинден до Новата железничка станица како и третата линија од Ѓорче Петров до Новата железничка станица и истите да бидат завршени до крајот на 2027 година или првата половина на 2028 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата